1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евротунел: „Симбол на блискост“ и покрај Брегзит

Бернд Ригерт
2 јануари 2021

По разводот на Велика Британија од ЕУ, сообраќајот преку Евротунелот, преку кој се одвиваат 25% од меѓусебната трговија, тече без проблеми. Пред 30 години, кога се изгради тунелот, никој не помислуваше на Брегзит.

https://p.dw.com/p/3nRIS
Zug Eurotunnel Frankreich
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Charlet

67-годишниот поранешен градител на тунели Филип Козет тажно стои на мостот во гратчето Кокел, од каде се гледа влезот на железничкиот тунел под Ла Манш. На секој половина час стотици метри сребрени возови натоварени со камиони и автомобили влегуваат во „цевката” во насока кон Велика Британија или излегуваат од 40-километарската конструкција. Филип Козет пред 30 години, на 1 декември 1990 година, го направи пробивот во тунелот со пневматска дупчалка.

„Имавме солзи во очите. Успеавме да ја направиме првата копнена врска помеѓу соседните земји Франција и Велика Британија“, се присетува Козет. Човекот кој управуваше со огромните бормашини во тунелот, не може никако да ја сфати одлуката на Британците за Брегзит. „Со ова се враќаат 50 години назад, но им ја почитувам одлуката“, вели тој, стоејќи на мостот над шините. „Тие си донесоа одлука, но возовите и понатаму ќе продолжат да возат. Тунелот останува симбол на нашата близина, дури и ако Британците сакаат да се оддалечат.“

Phillippe Cozelle I Tunnelbauer aus Calais
Филип Козет не може да ја сфати одлуката на Британците за БрегзитФотографија: Bernd Riegert/DW

Британскиот градител на тунелот е „брегзитер“

Пред два месеца Филип Козет и Греам Фаг се слушнаа на телефон. Британецот Фаг е човекот кој пред 30 години го копаше тунелот од другата страна, помагајќи му на Козет да го направат пробивот. Фотографијата од двајцата мажи кои првпат се ракуваат под Ла Манш испиша историја. „Тогаш ме поздрави на француски и ми рече: добар ден пријателе.“

Ова пријателство трае до денес, вели Филип Козет и покрај тоа што Греам Фаг во 2016 гласал за Брегзит. За Фаг, Европската унија станала монструм кој сака да владее со сите. „Тоа е политика. Му го почитувам ставот“, вели Козет денес. На нивната последна средба во јануари, пред корона-пандемијата да оневозможи вакви патувања, двајцата од срце се смееле разгледувајќи ги старите слики и видеа од заедничкиот пробив на тунелот. Некогаш, кога пандемијата ќе заврши, Филип Козет повторно ќе оди во Велика Британија. „Секако преку тунелот, а не со траект“, додава тој низ насмевка.

Повеќе:

Пост-Брегзит договорот ги минува последните пречки

Merry Brexmas!

И покрај договорот, Брегзит останува голема историска грешка

„Ќе се навикнеме и на Брегзит“, му рекол Филип во јануари на Греам. Тунелот и понатаму останува важна копнена врска. Според податоците на оперативната компанија Гетлинк, во 2019 каналот го поминале 120.000 возови. Дневно низ тунелот со големите вагони се превезуваат до 6000 камиони. Поради корона-пандемијата и строгите ограничувања за патување, бројот на патници и промет нагло опадна. Пријавницата во Кокел и огромниот шопинг-центар кој беше изграден во близина на влезот од тунелот, деновиве се празни. Но, товарниот сообраќај си функционира и понатаму. Пред се' преку тунелот кон Велика Британија се пренесуваат лесно расипливи продукти. Речиси една четвртина од целиот увоз во Велика Британија се одвива преку тунелот.

UK Frankreich l Ärmelkanal Tunnel l  Graham Fagg and Philippe Cozette - 1990
Греам Фаг и Филип Козет во моментот на пробивање на ЕвротунелотФотографија: picture-alliance/empics

Засега е нејасно дали и како новите Брегзит-регулативи ќе влијаат на времето на патување под каналот. Операторите на тунелот ветуваат дека возовите и понатаму ќе останат најбрзата врска меѓу Велика Британија и континентот и ќе се стасува за 35 минути.

Мали промени за туристите и мигрантите

Царинските и пасошките контроли сега се засилени. Британците во Франција сега ќе може да влегуваат само со пасоши. Граѓаните на ЕУ до септември 2021 година се уште ќе може да преминуваат со лична карта, но потоа и тие ќе мора да патуваат со пасош. Меѓународни возачки дозволи не се потребни, но зелен картон за возилото е задолжителен. За миленичињата кои патуваат има заострени прописи за карантин. Со оглед на тоа што сега Велика Британија е трета земја, можно е купување на бесцарински производи на влезот на тунелот. Сето ова е регулирано во договорот меѓу ЕУ и Велика Британија кој стапи на сила на 1 јануари.

BG Eurotunnel | Geflüchteter in Calais
Според проценките на хуманитарните организации, во камповите околу Кале во секое време има по неколку стотини мигрантиФотографија: picture-alliance/dpa/B. Chibane

За мигрантите кои со години кампуваат околу Кале, Брегзит веројатно нема да промени многу. Тие се обидуваат навечер да се „шмугнат” на возовите во движење или да се шверцуваат во камионите кои се транспортираат преку тунелот. Но, бројот на мигранти на кои тоа им успева во последниве пет години опаѓа. Засилени се безбедносните системи, а насекаде се поставени заштитни огради и камери. Француските и британските граничари постојано патролираат и ги проверуваат камионите и возовите.

Сепак, според проценките на хуманитарните организации во камповите околу Кале во секое време има по неколку стотини мигранти. Претходната година, по одлуката за Брегзит, тренд кај бегалците беше каналот Ла Манш да се преминува со гумени чамци или бротчиња. И покрај Брегзит, француските власти ја повторија заложбата до британските власти дека ќе преземат засилени акции за да спречат нелегален премин на мигрантите на островот.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија