1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државна контрола за џамиите во Германија?

Керстен Книп/Ж.А/ард/дпа29 април 2016

Треба ли државата да ги контролира џамиите? Според шефот на пратеничката група на ЦДУ, Фолкер Каудер - да. Зашто, проповедите на имамите делумно не се во согласност со германското сфаќање за државата.

https://p.dw.com/p/1IfF3
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Шефот на пратеничката група на Христијанско-демократската унија Фолкер Каудер се залага некои џамии да се најдат под државна контрола. Во исламските верски објекти се држат проповеди спротивни на германското сфаќање на државата, изјави тој за Берлинер цајтунг.

Државата треба да ги контролира проповедите во џамиите, зашто Германија е земја во која државата се наоѓа над религијата, истакнува политичарот на ЦДУ. Овој основен принцип треба да го прифаќаат и да се придржуваат кон него и претставниците и приврзениците на сите религии.

Deutschland Debatte nach Merkels Regierungserklärung Volker Kauder CDU
Фолкер КаудерФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Но, Каудер ги отфрла барањата на генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија Андреас Шојер - имамите да ги држат своите проповеди на германски јазик: „На Италијанците им се нуди богослужба и на италијански јазик. Во синагогите се држат молитви на еврејски јазик.“

Секој муслиман треба да се дистанцира од терор

Каудер бара секој муслиман јасно да се дистанцира од терор и насилство. Еден дел од една група сноси општествена одговорност да се конфрониира со развојот во погрешен правец, иако лично не се сноси вина за него. „Онака како што ние Германците сносиме одговорност никогаш повеќе да не се случи фашизам, онака како што ние мораме одлучно да се спротиставуваме на неонацистичките тенденции, исто така муслиманите имаат обврска решително да застанат против радикализацијата и теророт“, изјави Каудер за весникот.

Притоа, токму муслиманите со турско потекло, кои живеат во Германија, треба критички да се зафатат со развојот во Турција, каде постојат тенденции за исламизација на државата, потенцира Каудер.

Истовремено со изјавата на претседателот на турскиот парламент Караман за потребата од воведување верски устав во Турција, во Германија одново се разгоре дебатата околу улогата на турските имами во германските џамии и исламски верски заендици. Во служба се околу 970 вакви имами, кои доаѓаат со посредување на Дитиб, Турско-исламската унија на институцијата за религија.

Иницирано од извештај во весникот Велт ам зонтаг, во фокусот на германската дебата се наоѓа прашањето во колкава мера турската држава и владејачката партија АКП по заобиколен пат преку Дитиб и имамите дојдени со негово посредување, се обидуваат да постигнат политичко влијание во Германија.

Дитиб не е „ништо друго освен продолжена рака на турската држава. Наместо да стане вистинска верска заедница, турската држава од Дитиб се‘ повеќе прави политичко организациска - претходник на АКП во Германија. Турција треба конечно да ги остави на мира мусоманите“, вака весникот го цитира политичарот на партијата на Зелените, Чем Ездемир.

Дали турската држава ги злоупотребува германските џамии?

Во пракса, џамиите немаат друга можност отколку да диведат имами од странство. Во Германија дури од неодамна постои центар за обука на имами, од каде сеуште нема апсолвенти.

Türkischer Imam predigt ein einer Moschee in Köln
Турски имам во џамија во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/O.Berg

Од другастрана, актуелната правна рамка не дозволува промена на сегашната ситуација. Уставот на сите верски заендици им гарантира висока организациска самостојност. Тоа важи и за исламот,а неговото изземање од ова правило, од политички причини, би било правна дискриминација.

Муханад Корхиде, раководител на Центарот за исламска теологија на Универзитетот Минстер, досега не гледа никаво политички алармирачко искуство содоведувањето турски имами. „Токму кај Дитиб-имамите не гледам никакви укажувања за работа спротивна на одредбите на германскиот устав“, вели тој, но сепак укажува - мнозинството од нив не зборува германски јазик ниту ја познава германската стварност и животот на младите луѓе во Германија. „Тие не се сензибилизирани за условите во кои растат младите муслимани овде. Затоа за тие млади луѓе тие не се партнери за разговор.“ Затоа тој инсистира на обука на имами во Германија, кои младите луѓе нема да ги ставаат пред идентитетски избор - да бидат верници муслимани или германски државјани, туку ќе ги охрабруваат да ги живеат двата идентитети.