1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата најде столчиња за 1.300 административци

ДТЗ /ДВ
19 јануари 2021

Новите решенија за работа ќе им бидат доделени на рамковно вработените во наредните неколку дена. Дел од нив ќе добијат откази, ако не прифатат да одат на работа  

https://p.dw.com/p/3o8kf
Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Над 1.300 административци наскоро ќе почнат да одат на работа, откако државата го усвои планот за распределба на рамковно вработените. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави дека новите решенија за работа ќе им бидат доделени на административните службеници во наредните неколку денови. Груби посочува дека органите на државната администрација се должни на административните службеници кои ќе ги прифатат во нивните институции да им овозможат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини.
Според соопштението од кабинетот на вицепремиерот, Министерството за финансии веќе има дадено согласност за планот за систематизација на административните службеници. Министерството за информатичко општество и администрација пак, е задолжено во рок од седум дена од приемот на актите за систематизација на овие административни службеници, во рамки на своите надлежности да ја заврши постапката за согласност за работните места каде што ќе бидат сместени овие административни службеници.

-повеќе на темата: Многу административци, малку столчиња за нив

„Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е должно во рок од 15 дена по усвојувањето на Планот да изготви индивидуални одлуки за секој административен службеник што ќе биде систематизиран во органите на државната администрација", се вели во соопштението. Агенцијата за вработување врз основа на решението за распоредување треба да направи одјава на административните службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и да ги пријави на нивните нови работни места.
Со планот кој го усвои Владата, опфатени се вкупно 1.349 вработени според К5 програмата кои ќе бидат распределени на конкретни работни задачи во 237 институции. „Целта на Планот е вработените да бидат распоредени во друга институција од јавен сектор во соодветно место на исто ниво односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува“, информираат од Владата. При изработка на планот земена е во предвид моменталната состојба на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во институциите кои треба да преземат вработени, потребата од зголемување на бројот на човечки ресурси во тие институции, како и моменталните слободни работни места во тие институции.

-повеќе на темата: Над осум милиони евра годишно за „армијата“ рамковно вработени

Над осум милиони евра државата издвојува секоја година за „армија“ вработени според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаат на работните места. Според некои проценки, во последните 10 години за оваа ставка биле издвоени околу 100 милиони евра од буџетот. По една деценија безуспешно барање решение за овој проблем, кој преставува сериозен товар за буџетот, надлежните најавуваат дека конечно ќе се најде работа за над 1.300 административци. Тие добија две опции за да почнат да работат - доколку не прифатат ниту една, следат откази. 
Според официјалните податоци, во Министерството за политички систем се вработени вкупно 1.500 лица. За десетина години проценките се дека рамковните вработувања државата ја чинеле околу 100 милони евра. 
Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Според податоците, во земјава има над 135 илјади административци. Изминативе година имаше повеќе предлози и иницијативи за решавање на овој проблем. Последната иницијатива доаѓа од Владата која го усвои предлог-законот за преземање административни службеници, вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност. Целта на ова законско решение е да се распоредат досега нераспоредените административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое претходно беше Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Вработените преку овој закон ќе се распоредат во државните и во органите на локалната власт, агенции, фондови, јавни установи и претпријатија од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита, спортот, формирани од Град Скопје, како и од општините во градот Скопје и акционерски друштва во државна сопственост.