Еден истражител на СЈО уапсен, а друг избркан од УБК
21 октомври 2016Не престануваат опструкциите и блокадите на работата на Специјалното јавно обвинителство. Вечерва, истражителот кој требало да дежура во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање бил избркан од објектот во дворот на МВР, додека друг истражител бил уапсен додека работел на лоцирање на местото на живеење на непознато лице за кое се претпоставува дека е поранешен висок безбедносен функционер.
Обвинителката Катица Јанева вечерва лично дојде во полициската станица „Беко“ за да го извлече уапсениот истражител.
„Истражителот е задржан неосновано. Нам не ни е доставено ништо писмено на увид во однос на апсењето на нашиот истражител“, рече Јанева. За дополнителни прашања околу апсењето, Јанева им порача на новинарите да побараат објаснување од командирот на полициската станица „Беко“.
Оттаму, специјалната обвинителка најави дека ќе се упати кон централата на МВР, каде претходно од просториите на УБК бил избркан друг истражител.
Јанева вечерва во интервју за телевизија „Телма“ говореше за опструкциите со кои се соочува во обидот да ги добие потребните информации од УБК. Иако не беше децидна во одговорот, од кажаното може да се препознае најава за поднесување кривични пријави против заменикот-министер за внатрешни работи Оливер Андонов, против директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, директорот на УБК Владимир Атанасовски, како и против други лица.
Јанева рече дека за време на увидот во УБК ги избркала од просториите Чавков и Андонов, и изрази убедување дека не можат да се уништат доказите од опремата за прислушување.