До крајот на годината - вистината за смртта на Трајковски
31 јули 2013До крајот на оваа година ќе биде завршена новата истрага што ја води меѓународниот тим за авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година кај Ротимље, во близина на Мостар, во која животот го загубија поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски со соработниците и членовите на екипажот, потврди главниот истражител и претседател на Комисијата за воздухопловство при Министерството за сообраќај и комуникации на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ.
„Интензивно работиме. Планот е сите активности да ги завршиме до крајот на годинава. Ги лоциравме недостатоците кои ги направила претходната комисија и причините заради кои е отворена новата истрага. Тоа го имаме лоцирано и знаеме во што е проблемот, но се‘ уште не сме ги утврдиле причините. Тоа ќе се решава на крајот“, изјави Кулиќ за агенцијата Анадолија.
На прашањето дали во извештајот на меѓународниот тим ќе постои разлика во однос на заклучокот дека се случила „пилотска грешка“ од 2004 година, Кулиќ одговара дека „некои разлики мора да постојат. Во секој случај ќе постојат“.
Во меѓународниот тим што го истражува случајот „Трајковски“ се вклучени експерти од Америка, Германија, Хрватска, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Претседателот Трајковски, шест членови на македонската делегација кои требаше да присуствуваат на меѓуанродна конференција во Мостар, како и двајца членови на екипажот, загинаа кога, како што беше утврдено, авионот удрил во планина заради пилотска грешка.
Македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски во јули лани во Сараево му презентираше на неговиот колега од БиХ Дамир Хаџиќ документ кој содржи нови моменти за несреќата.
Комисијата за испитување на причината за несреќата, формирана од Советот на министри на БиХ, тогаш заклучи дека причина за падот на авионот била процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром. Но, адвокатот на семејствата на некои од загинатите тврдеше дека врз Трајковси е извршен атентат, а останатите членови на делегацијата се колатерална штета. Обвинителството на БиХ никого не обвини за авионската несреќа кај Мостар.