Дортмунд и Леверкузен уриваат трансфер- рекорди
24 јули 2014Актуелните прваци Бајерн Минхен засега само ги бројат парите од играчите кои ги продадоа за време на паузата, но Борусија Дортмунд и Бајер Леверкузен купуваат на големо во обид да се приближат до врвот.
Иако Бајерн го купи Хуан Бернат од Валенсија, во обратна насока во шпанската Примера веќе заминаа Тони Крос и Марио Манџукиќ, што на минхенците им носи чист профит од околу 40 милиони евра. Бајерн веќе ги заврши поголемиот дел од обврските за летово, откако без отштета успеа да ги доведе Роберт Левандовски од Дортмунд и Себастијан Роде од Франкфурт, на кои им истекоа договорите во матичните клубови.
Борусија Дортмунд, која последните две сезони ги завршуваше на второто место, како замена за Левандовски ги доведе Адриан Рамос и Чиро Имобиле, за кои плати 30 милиони евра. Одбраната е засилена со младиот репрезентативец Матијас Гинтер за чии услуги на Фрајбург му беа исплатени уште 10 милиони евра. Притоа, тренерот Јирген Клоп јасно порача дека двете главни ѕвезди на тимот, Матс Хумелс и Марко Ројс нема да бидат продадени, како што се шпекулираше.
Бајер Леверкузен, кој се надева на богати приходи од Лигата на Шампионите доколку ја мине квалификациската фаза, го задржа тимот од лани, а дополнително се засили со Јосип Дрмиќ од Нирнберг, Вендел од Порто Алегре и Хакан Чаланоглу од Хамбург. Тројцата досега чинеа 30 милиони евра.
Но и покрај големите инвестиции, во Леверкузен се свесни дека нивниот максимум е да бидат најдобри, по Бајерн. „Доколку во Дортмунд велат дека сакаат да му дишат во врат на Бајерн. Ние сакаме да ја загрозиме Борусија“, вели спортскиот директор на Бајер, Руди Фелер.
Шалке, по пласманот на третото место лани, досега имаше релативно мирно лето. Ерик Чупо Мотинг дојде од Мајнц како слободен играч, а од Леверкузен беше доведен Сидни Сем за 2,5 милиони евра.
Волфсбург, тим кој многумина го гледаат како фаворит во сенка за највисок пласман, се засили со Арон Хунт од Вердер и потроши три милиони евра за Себастијан Јунг од Франкфурт. Сепак, трансфер активностите на тимот чиј главен спонзор е Фолксваген, би можеле да доживеат драматичен раст доколку се потврдат најавите дека се планира купување на Ромелу Лукаку од Челзи.