Доналд Трамп- чекор поблиску до Белата Куќа
27 мај 2016Значи се случи. Претседателски кандидат на републиканците во 2016. година е Доналд Трамп. Независните пратеници одлучија да го поддржат, така што бизнисменот Трамп сега го има мнозинството републиканци зад себе и преостанува само да биде номиниран на партискиот конгрес во јули.
Не е случајно што оваа информација е објавена токму сега, само еден ден по уште еден тежок удар за Хилари Клинтон: имено, Стејт департментот многу остро ја искритикува својата поранешна шефица затоа што приватниот сервер за електронска пошта го користела за пренесување доверливи податоци и со тоа ги прекршила правилата.
Реакција на слабоста на Клинтон
Колку е послаба Хилари Клинтон, толку е појасна поддршката за Доналд Трамп. Тоа не е ништо ново, победниците се секогаш атрактивни. Феномените Трамп и Клинтон се значително посложени и тесно испреплетени- многу повеќе од тоа што би го сакале тие. Посебно Трамп не би бил можен без Клинтон.
Никој, барем надвор од САД, не се сомнева во тоа дека никогаш пред Хилари Клинтон немаше кандидат кој е толку добро квалификуван за таа функција како таа. Но, тој факт во САД не е особено интересен. Напротив, тоа што таа со години работеше во политиката, главно ѝ оди на штета. Не само поради многубројните грешки кои се неизбежни за толку долго време, туку повеќе поради тоа што таа смета дека има право да биде претседателка- како да е во прашње кралска круна, а таа престолонаследничка. Тоа навистина не се совпаѓа со основното поимање на демократијата.
Можеби најлошо од сѐ е тоа што брачниот пар Клинтон има аура на „ароганција на власт“. Само поради тоа оваа ситница со електронската пошта може да предизвика толкава бура: бидејќи уште еднаш се докажува оти Клинтонови сметаат дека имаат некои посебни права во однос на остатокот од светот. Освен тоа, дури и нивните најголеми фанови, полека се’ почнува да ги заморува: уште колку пати би требале да го гледаат исто лице и гестови, да слушаат исти фрази?
Таа ранливост Доналд Трамп умее совршено да ја искористи. Републиканците сега се обединети зад него, бидејќи веруваат оти тој би можел да ја победи Хилари Клинтон. Токму тоа е она околу што се’ се врти во оваа изборна кампања. Не се работи за некои навистина нови, паметни концепти, за одржливост на моделот на општество или надворешнополитичка стратегија. Хилари Клинтон е ранлива, а Трамп е немилосрден тип кој бескруполозно ќе ги искористи нејзините слабости.
Непресметлив егоист
Доналд Трамп добива поени за тоа што сѐ повеќе изгледа дека може да ја победи Хилари Клинтон. Сѐ повеќе и умерените републиканци се сега подготвени и волно да прифатат во Белата куќа да владее непредвидлив егоист. Оваа кампања е полна со историски моменти: еден од нив беше на 26. мај. Тој ден не само што Доналд Трамп стана републикански кандидат, туку и има сѐ поголема веројатност дека ќе стане- нареден претседател на САД.