1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за Закон за обвинителство или предвремени избори?

Костадин Делимитов
10 септември 2019

Власта и опозицијата се пазарат, експертите предупредуваат: Носењето на законот за обвинителство не смее да биде заложник на интересите на политиката!

https://p.dw.com/p/3PK0z
Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Од лидерската среда денеска се очекува поголема јасност околу иднината на Законот за Јавно обвинителствоФотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Политичките пазарења околу Законот за јавно обвинителство отвораат многу дилеми и прашања. Една од клучните е дали партиите имаат капацитет, но пред сѐ волја, за навистина да се донесе квалитетен закон, кој не би содржел аномалии од типот на оние во законот за СЈО, кој во многу нешта ги комплицира процесите околу префрлање на предметите, надлежностите околу истрагите, доказите и слично. Експертската јавност предупредува дека политиката е премногу вклучена во овие процеси:

„Очигледно е дека политиката е премногу вклучена во барањето модел што ќе биде со обвинителството. Суштината е во тоа дека се разбира оти кога се носи закон тоа е политички чин во одредена констелација во Собранието и политиката не треба да биде исклучена и закони да се носат на Правен факултет. Кога се носат закони, законот си има политичка агенда. Но во креирањето во решенијата на законот треба да се има чувство да каде може некои прашања да се разрешуваат со политича агенда, а каде не трпи политика, туку бара експлицитна стручни решенија, да се послуша професионалната фела. Ете го искуството кое го имаме искуството со законот за СЈО. Се работеше на закон кој беше со своја физиономија, вертикала и кичма кој можеше да го држи целиот тој проект, но се излезе со текст којшто ние кои што на некој начин бевме упатени во тој процес на носење не можевме да го препознаеме и тоа немаше никаква врска со придонесот на стручната фела. И гледаме какви се ефектите - не можеме да излеземе од ќорсокакот во кој се најдовме. Едни решенија кои се неадекватни и едноставно го парализираа ситемот на Републичкото обвинителство поради таквите решенија", вели за Дојче веле адокатот Драган Малиновски.

Повеќе:

Клучна недела за триумф на правото, политиката или криминалот?

ЈО ќе ги преземе предметите од СЈО

АБЦ – од љубов до секс

Политичко-правни апсурди

Според него, политиката како мирудија треба да биде присутна во процесот, но не смее да ја измести правната логика, конзистентност и функционалност на законскиот текст:

„Очигледно е дека политичките партии, особено оние кои се засегнати од некои случаи, гледаат можност во оваа фаза на нештата да добијат некоја подобра позиција како би можеле да се извлечат. Тоа е малку неприфатливо, апсурдно, за одредени законски решенија кои треба да бидат на подолг рок одлучуваат луѓе кои се засегнати од тој закон. Правото подразбира оној кој одлучува за нешто, а е засегнат од тоа, да се изземе. Затоа што тој го промовира личниот наспроти општиот интерес. Тоа во парламентот е невозможно, но тоа не е добар влог во градењето на конзистентен закон. Тоа се народни избраници кои треба да гласаат решенија од општ и јавен интерес, не се тие народни пратеници кои треба да гласат закон кој нив лично ги става во поповолна позиција. И тоа се некои работи кои се сериозен отежнувачки фактор во овој процес“, предупредува Малиновски.

Dragan Malinovski Anwalt in Mazedonien
Малиновски: Правото подразбира оној кој одлучува за нешто, а е засегнат од тоа, да се изземе, затоа што тој го промовира личниот наспроти општиот интересФотографија: DW/K. Blazevska

Импровизирани решенија

Во вакви услови, според него, и не чуди што се носат на некој начин импровизирани решенија:

„Таквиот амбиен,т кој е апсолутно непогоден за носење на ваков закон, доведува до импровизирани решенија и целата оваа работа околу преземање или непреземање на предметите. Многу е тешко да се најде совршено решение во несовршена правна норма. Како што е законот за СЈО. Самиот тој генерира такви небулози кои фактички го прави неоперативен и сега ние бараме обвинителството да донесе совршено издржана норма. Не, ќе се крпат некои, решенијата за преземање ќе бидат повторно по некоја правна логика, аналогии со другиот закон, бидејќи овој не нуди основа за ваквиот маневар кој се прави. И сега нормално е дека ќе има импровизации, и тие ќе бидат материјал за одбраната во постапките кои се водат како кај нас во државата, така и евентуално во градењето материјали пред Стразбур. Сѐ на сѐ, еден поприлично конфузен процес“, објаснува Малиновски.

Лидерска средба

Каков ќе биде договорот и дали тој воопшто е можен да се постигне навреме, до истекот на рокот на СЈО на 15 септември, ќе стане појасно по вечерашната лидерска средба Заев-Мицкоски, на која ќе присуствуваат и преговарачките тимови за законското решение.

Клучните разлики и натаму се во делот на предметите на СЈО отворени по јуни 2017 година, но и околу статусот на обвинителите, профилот на идниот специјален обвинител... Минатата недела имаше информација дека бил постигнат напредок околу клучните разлики, но сега работите се проблематизираат, особено по писмото на Катица Јанева до републичкиот обвинител Јовески за преземање на сите предмети и истраги.

Nord-Mazedonien Staatsanwaltsrat zu Katica Janeva
Советот на јавни обвинители ќе треба да решава за иднината на обвинителите од СЈО, вели ЈовескиФотографија: DW/P. Stojanovski

Црвени линии наспроти предвремени избори

Власта не отстапува од црвените линии дека нема компромиси во битката против криминалот и корупција. Опозицијата, пак, најавува дека на маса ќе биде ставено и барањето за предвремени парламентарни избори како излез од актуелната ситуација.

Во меѓувреме, се очекува да стартува и процесот за преземање и распределба на предметите од СЈО во обвинителството. Според Јовески, секој предмет ќе се разгледува одделно пред да се додели на надлежните обвинителства. Според Јовески, за иднината на обвинителите од СЈО ќе треба да решава Советот на јавни обвинители.

Законот клучен за преговори со ЕУ

Дел од експертската јавност предупредува дека доколку не се постигне договор пред истекот на рокот на СЈО, тоа ќе биде исклучително лоша порака кон меѓународната заедница. Пред сѐ до ЕУ, што би значело дека политичките партии немаат подготвеност или способност за консензус за важни закони, но и за клучните реформски приоритети во делот на правосудството. Впрочем, законот е еден од клучните услови во пресрет на евроинтеграциските процеси на земјата и добивањето на датум за преговори за членство во ЕУ.