Договараат да не се договорат?
14 септември 2015Потпишаа да се договорат но не можат, или не сакаат да постигнат договор. Пред истекот на договорениот тајминг, 15 септември, станува се поизвесно дека политичките партии не можат да постигнат согласност за специјалниот обвинител. Маратонските преговори во кои се вклучија и американскиот амбасадор Џес Бејли и неговиот европски колега Аиво Орав очигледно дека се` уште се сериозно закочени. Наводно била постигната согласност околу тимот на обвинителот, но не и за изборот и именувањето. Ова неофицијално го потврдуваат партиски извори, но за други детали од разговорите кои се воделе до доцна во ноќта владее молк. Во вакви услови се чини тешко остварливо дека денеска во собранието би се доставил финалниот предлог за измени во законот за обвинителство кој пак пратениците експресно би го изгласале. Што тоа ќе значи и како ќе се одвива процесот понатаму во такви услови е нејасно. Дел од експертите предупредуваат дека целата ситуација станува апсурдна, не само поради „срамното“ поведение на политичарите кои бегаат од договор за она што ставиле потпис, туку и што во целата ситуација преговараат и оние кои треба да одговараат пред оној за кој треба да се согласат да го изберат:
„Кога ќе почнете логично да ја разложувате ситуацијата добивате апсурдна состојба, некој треба да се сложи со избор на обвинител во ситуација кога се очекува тој да биде обвинет, осуден, односно некој од таа партија, група, или неколкумина од тој државен врв. Втората страна пак, тука мислам на Зоран Заев и СДСМ, се ставени во истиот проблем. Заев исто така е на некој начин обвинет и тоа стои. Дали и тој е заинтересиран реално сега да има обвинител кој по претпоставка дека Заев навистина ги прекршил законите ќе биде осуден. Оттука таа апсурдна ситуација која има двојно значење. Првата претпоставка е да се договорат и да „глумат лудило“ како што велиме, демек еве работиме на договор а нема да се договориме. Но тоа ќе се види многу бргу. Втората претпоставка пак, она што сега се очекува, тој обвинител навистина да биде непристрасен и да рече во краен случај, во една идеална ситиуација двајцата да ги стави во затвор. Што би било некое решение, чудно, но разбирливо. Ако едниот го осуди, што логички под претпоставка тоа треба да биде Груевски, односно да ги земе за сериозно тие прислушувања, е е тогаш не знаеме кон што ќе почнат да се движат самите работи. Ако во партијата, во ВМРО ДПМНЕ во тој случај нема доволно рационалност да кажат, па добро ако некој правел нека одговара, но како поединец, е тука не знам кој е во земјава денес во состојба да предвиди нешто во тој контекст“, предупредува Ацески.
Дека процесот се минира договорено или намерно од некоја страна стана јасно уште пред неколку денови кога на тоа јавно предупреди медијаторот Питер Ванхаут. Додуша тој не прецизираше од кого точно, но ако се земе во предвид фактот дека притоа повикуваше на сериозност кај носителите на јавните функции тогаш е повеќе од јасно. Во вакви услови надежите дека странците ќе ги преземат работите во свои раце и ќе изберат обвинител кој ќе го расчисти целиот случај според Ацески е многу малку веројатно, но и проблематично од неколку аспекти:
„Странците ќе си изберат обвинител и под претпоставка тој да работи објективно, независно и без притисоци, но тоа е многу малку веројатно. Тој треба да има заменици, но како ќе работи тој обвинител, ќе оди по улици и ќе апси. Станува збор исто така за апсурдна ситуација. Па видете тој ќе треба да има 10, 15 или повеќе луѓе во својот тим, доволно луѓе за реализација на терен, а тоа е сериозна ситуација. Затоа е тешко и велам дека лично не сум голем оптимист. Треба самите ние да видиме до каде сме способни да излеземе на крај со некои проблеми, ако не тогаш тешко нас. Лично сум многу загрижен и сметам дека грешката во целата работа беше направена уште во старт. Заев го направи еден од нај непредвидливите чекори, кога рече ајде да преговараме. Ако јас го осудам некого и имам цврсти докази дека тој е криминалец, со сите можни имиња за што тогаш ние ќе разговараме! И тука добар дел од јавноста во Македонија, не само во СДСМ остана доста разочарана. Тој требаше да остане на својата позиција дека нема за што да се разговара. Се ќе беше поинаку и помалку потресително за јавноста ако уште дента кога Заев ја објави првата бомба тој да биде уапсен бидејќи направи прекршок, објави незаконски прибрани материјали, но веќе и утредента Груевски да си ја собереше партијата, демисионираше и повелете нова Влада, институциите да си ја бркаат работата. Затоа велам дека и штетата што ја нанесе Заев е исто така голема, ние не веруваме повеќе во институции, да немаме илузија, шест месеци да слушаме она што се објавуваше, влегуваме во фаза на антропологија на прислушувано општество, тоа е страшна работа“, коментира Ацески.
Изборот на специјалниот обвинител кој треба да ги истражи случаите „Пуч“ и прислушување е клучниот елемент од Договорот од Пржино за излез од политичката криза. Четирите најголеми политички партии ставија потпис на документот кој многу јасно и прецизно ги утврдува принципите, начините и роковите до април наредната година кога треба да се одржат и предвремените парламентарни избори. Првиот услов, опозицијата да се врати во парламентот на стартот од септември се исполни. Но се чини дека тој беше и најлесниот, а допрва треба да следуваат оставки, нови министри, заменици министри...