Добриот владетел
13 јули 2019Го знаеме синонимот за безмилосен владетел, принцот што го опишува Макијавели. Но длабоко во историјата е запишан еден безвременски пример како моралната моќ на владетелот е предуслов за добро владеење и лидерство. Неговото име е Антонин Пиј, непознато за обичниот граѓанин. Пред три дена, на 10 јули се навршија 1881 година откако тој седна на тронот на Римската империја. Многу негови претходници се дел од колективната меморија на човештвото – војсководецот и диктатор Цезар, моќниот Август, кој ги постави темелите на најголемата светска империја; тираните Нерон и Калигула, неуморниот освојувач Трајан или големиот патник, интелектуалец, градител и законодавец Хадријан. Токму Хадријан кусо време пред неговата смрт го посинува 51-годишниот сенатор од многу богато семејство, Антонин. Според римските правила, такво посинување има една цел – да го одреди наследникот на престолот. Императорот, кој веќе ја предвидуваше својата смрт, ги знаеше вредностите и моралната чистота на проконзулот за Азија, Антонин, но го посини со еден услов – по него на власт да дојде Марко Аврелиј, роднина на Хадријан. Така и се случи. Прославениот филозоф и војсководец Марко Аврелиј чекаше 23 години за да влезе во императорската тога на Антонин.
Владеењето на Антонин, кој поради неговата човечност го доби и името Пиј, е второ најдолго во Римската империја по она на Август, од 138 до 161-та година од нашата ера. Во целиот негов период нема војни за освојување, нема убиства во палатата, нема дури ни она што беше вообичаено – оргии. Антонин беше сето она што не беа другите – нежен во срцето, миротворец полн со чувство за правда, тој не беше утопист, туку релаксиран прагматичар на моќта. Во познатата книга „Хисториа аугуста", веројатно напишана во 400. година, кога веќе се гледаше крајот на Рим, за него се пишува ода: „Неговата лична појава беше неверојатно атрактивна, неговиот талент брилијантен, неговиот темперамент пријателски, тој беше аристократ во ставот, мирен, добродушен, кој ги почитува правата на другите". За една империја која пропаѓа оваа книга веројатно значеше идеализирање на добриот владетел, кој беше одамна мртов. Но тоа идеализирање имаше реална основа, затоа што Антонин им припаѓа на малкутемина владетели кои и покрај долгото владеење не дозволија да бидат корумпирани од привилегиите на власта, или како што славно кажа Марко Аврелиј, „да заслабат".
Малкумина знаат дека некои од неговите филозофски размислувања го обликуваа нашиот денешен свет. Тој го создаде концептот во судството „невин додека не се докаже вината" и дека процесот мора да се одржи таму каде што е направен криминалот. Тој ги усвои законите со кои им се гарантираше граѓанство на робовите и нивниот фер третман. Ги заштитуваше христијаните од прогони и одвојуваше големи делови од своето богатство да им помогне на осиромашените делови на империјата. Ги држеше под строга контрола државните финансии и не претеруваше со огромни императорски игри и прослави. Додека другите императори бараа преки судови и егзекуции на оние кои коваа заговори против нив, Антонин Пиј ги користеше тие настани да го демонстрира своето разбирање и попустливост.
Римски фантазии
Неговото владеење е поука од историјата и показател на феноменот кој е многу добро познат и денес – дека многу луѓе не ги ценат среќните околности во кои живеат. За потоа, наизглед неочекувано да се соочат со драматичните настани во нивните општества – омразата, нетолерантноста, корупцијата, пропаѓањето на просперитетот, а и војните.
Римските императори секогаш биле дел од фантазијата на човештвото, барем она западното. Некои современи владетели поради бескрупулозноста и самозамислената моќ добиваат римски атрибути. Така, на пример, вчера по оставката на министерот за труд на Доналд Трамп, Александар Акоста, поради неговата мрачна улога во времето кога беше јавен обвинител за спогодба со сексуалниот престапник на малолетни девојки, милионерот Џефри Епштајн, „Њујорк тајмс" објави коментар со наслов: „Акоста поднесе оставка. Калигулината администрација живее". Но ретко кој е поистоветуван со добриот владетел Антонин Пиј.
Оваа мала историска реминисценција речиси и да нема допирни точки со сегашнава македонска ситуација, освен можеби само во една: таа тангента на еден специфичен начин сака да ја претстави Зоран Заев со своето владеење. Македонскиот премиер уште кога беше во опозиција се обидуваше да се претстави како иден добар владетел, а откако стана лидер на земјата стана уште понеуморен во таа негова мисија. Нему не му недостасуваат особини за „добро“ владеење, но камчињата на сета таа самариќанска приказна последниве неколку месеци почнуваат да се кршат. И нему и на тие околу него изгледа дека не им е јасно како повторно да ги соберат камчињата на старото место додека не се распукал целиот мозаик.
Еден случај, втор случај, трет случај... многу работи почнаа да ја дробат добро смислената визија за едно општество за сите поради лековерност, лошо снаоѓање, малку вистински совети и вистински поглед на работите. Зоран Заев сега се наоѓа на местото за кое амблематично пееше Лепа Лукиќ во еден од нејзините први хитови: „Од извора два путиќа, воде на две стране". Потсмешливата аудио приказна на двајцата руски шегаџии ги поттикнаа размислувањата на граѓанството дека премиерот е премногу лековерен. Не добродушен, туку лековерен. Таа направена штета Заев можеби делумно ќе ја закрпи, но довербата веќе нема да биде иста. За справувањето со последиците не се доволни само неговата искреност и насмевките, потребна е поинаква стратегија. Неговиот инстинкт му кажува дека треба да продолжи со непосредноста, да објавува со кого од регионалните лидери зборувал за овој случај, како бил насамарен, каде се извинувал, дека не мислел онака како што им кажувал на руските шегаџии... Странските политичари, во некоја рака имаат разбирање за она што тој им го кажува – и тие многупати се нашле во слична ситуација. Прашање е колку јавноста има стомак да го поднесе тоа.
Еден од овие два пата пред кои е застанат Заев води кон вообичаената траекторија кон која главно се држат сите лидери – да не се откажува од довербата на своите најблиски соработници, без оглед на нивните грешки и да верува дека со нив може да исплива од оваа криза. Другиот пат води кон негово реинвентирање и промена во екипата што ги крои политиките од канцелариите блиску до кабинетот на премиерот. Политиката е безмислосна, тоа веројатно на сите им е јасно, како што неочекувано му стана јасно на Драган Тевдовски. За еден премиер секогаш доаѓа момент кога почнуваат да се кршат прачки во снопот и ако не се заменат со нови ќе се скрши целиот сноп. Тука не е во прашање пријателството или довербата, во прашање е дали може да се скрши целото владеење и после да загубат сите до еден, најмногу партијата која владее.
Повеќе:
Кршење на снопот
Случајот на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски сега е најважен во ова кршење на снопот. Не поради заплетканата приказна дали имало или не корупција во тендерот за радарот, дали било безбедно македонското небо или не (иако основното прашање е каква работа има генералниот секретар во ваквите стручни набавки), туку во огромната штета што Драги Рашковски и’ ја направи на Владата во односот со земјите партнери. Истрагата што можеби се води е една работа, другата работа се политичките последици за земјата. Кога наесен треба да се решава за датумот за преговори со ЕУ. Никакво извинување „до небо“, па ако сака да биде и до Марс, на Драги Рашковски не може да ја намали штетата што е направена.
Откако Рашковски се извинуваше и се потеше што ги нарекол Малтежаните „преваранти“, во четвртокот стигна одговорот од премиерот на медитеранскиот остров Џозеф Мускат, во кој тој се потсмева на театралниот гест на генералниот секретар. Па му препорачува да земел ферибот и да отидел на островот Гозо (во славниот Хомеров еп таму нимфата Калипсо го држела со години како заложник Одисеј) за да ги види вистински измамници во малтешкиот архипелаг. Премиерот Мускат беше лани во ноември во Скопје, сосем веројатно дека Рашковски тогаш се видел со овие малтешки „преваранти“. Неволјата за Заев е што Мускат е лабурист и е дел од европското социјалистичко смемејство, каде што припаѓа и СДСМ. Неговата доаѓање во Скопје тогаш се претставуваше како посета на вистински пријател, кој, ете, според Рашковски, бил од групата „преваранти“.
Квалификациите на Рашковски ги поткопаа односите и со една друга побратимска влада на СДСМ, онаа во Шпанија. Надвор од тоа што Рашковски одреди нови географски поими – дека Екваторот е некаде во Европа, тој Шпанците ги нарече „ебиветри“. А во некоја корелација и Французите. Нека се распрашаат луѓето од владините одаи колкава е огорченоста во шпанската амбасада и тогаш ќе се замислат дали социјалистот Педро Санчез ќе даде поддршка и ќе лобира за датум во октомври на самитот на ЕУ. А пошироките владини структури треба да се замислат зошто на одбележувањето на 25-годишнината од востпоставувањето на дипломатските односи меѓу Шпанија и Македонија и изложбата за патот на сефардските Евреи на овие простори немаше никој барем малку значаен функционер во Музејот на холокаустот. Барем малку да ги залечи раните што ги направи Рашковски. Мисли ли некој и во Министерството за надворешни работи на тоа. Да не зборуваме за квалификацијата на Рашковски за Италијанците кои ај што биле „ебиветар држава", туку биле и „цигани“. Ова е запрепастувачки речник на еден професор, кој е поставен на толку многу важна функција.
Позицијата на Рашковски станува политички неодржлива. Бујар Османи и Никола Димитров ќе оделе летово на сите страни да лобираат – каде: кај државите „ебиветри“. Па нивната мисија е пропадната уште пред да стигнат во Рим или Мадрид, да не зборуваме за Париз. Ако Зоран Заев сака да им помогне во нивната мисија треба да ја отстрани причината за нивниот предвидлив неуспех и да го разреши Драги Рашковски. Заев имаше храброст да направи огромни работи со договорите со Грција и Бугарија, а сега покажува несфатлива колебливост да му се заблагодари на Рашковски. Не станува збор дали Рашковски досега одлично ја вршел својата работа. Можеби така и било. Но целта е поширока. Пријателството е едно, а судбината на владата на следните избори друго. Во голема мерка тоа се карактеристиките на добриот владетел – да почувствува кога треба да се спречи кршењето на снопот. Доколку тоа не може да го забележи, проблемите само ќе се диплат еден врз друг.