1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабоки јазови во ЕУ „за пусти пари“

Бернд Ригерт
22 февруари 2020

Судирот помеѓу штедливите земји плаќачи и незаситните земји примачи во ЕУ не е само поради парите, туку е многу подлабок. Решение на повидок засега нема, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3YBHd
Zerschlagenes Sparschwein
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Не беше изненадување тоа што 27-те шефови на држави или влади на ЕУ на вонредниот самит не успеаја да постигнат договор околу рамките на буџетот за наредните седум години. Јазовите се предлабоки. Позициите се премногу зацврстени. Земјите плаќачи сакаат да дадат 1000 милијарди евра, земјите примачи бараат до 1300 милијарди евра.

Но, проблем не се само парите, туку многу повеќе - структурата. Врз основа на планираните издатоци за наредните седум години може да се согледа како ЕУ си ја претставува иднината. Новата Европска Комисија сака со „Зелен договор“ да постигне поголема заштита на климата и животната средина, Покрај тоа, европските политчари во своите говори набројуваат уште цела низа предизвици за Унијата: заштита на границите, миграции, истражувања, дигитализација и заедничка одбрана на пример. Ако се мери според сето ова, предлог буџетот кој на вонредниот самит безуспешно се вртеше од една на друга страна нема да може да ги задоволи потребите. Се’ уште две третини од финансиските средства треба да одат за земјоделството и поттикот на сиромашните региони, таканаречената кохезија.

Погрешна насока

Структурата на буџетот се потпира врз погрешни тежишта. Така барем сметаат ЕУ-членките кои не пофитираат толку од „старите“ давачки за земјоделството и кохезијата како други. Други ЕУ-членки, меѓу кои и Франција, која добива голем дел од субвенциите, пак сметаат дека поттикот на земјоделството треба да остане вечно срж на ЕУ-бизнисот. Трети земји сакаат и едно и друго, и „издатоци кои ги бара иднината“ и „стари давачки“, и едноставно бараат буџетот да биде повисок. По заминувањето на Велика Британија, која бше голем нето-плаќач во буџетот, останатите нето-плаќачи сега се многу внимателни во врска со зголемувањето на буџетот, и со право. Доволно е скапо пополнувањето на дупката која настана поради Брегзитот.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Двата табора се приближија неколку сантиметри на првиот вонреден самит за буџетот во оваа сезона, но треба да се изодат уште многу метри. Притоа не станува збор само за вкупната сума и за содржинските тежишта, туку и за она што при кавгата за пари често се турка под површината - солидарноста, која е основна за функционирањето на ЕУ.

Суштината на европското договарање е во тоа да се биде свесен за заедничките интереси и за изедначување на животните услови. Со таквата солидарност се збогуваа најмалку две земји - Полска и Унгарија. Тие ги занемаруваат принципите на правната држава и не примаат мигранти. Зошто тогаш би добивале еднаква солидарност и пари како и членките кои се верни на правото? Новите буџетски рамки треба да се искористат за да се дисциплинираат Полска и Унгарија Но, ваквата шанса, како што се чини, шефовите на држави или влади ја пропуштаат.

Раководење со паричник

Очигледно, во име на постигнувањето договор се подготвени да се откажат од темелна проверка на правната држава пред да бидат исплатени пари. Тоа само сигнализира дека во ЕУ можеш да правиш што сакаш, парите ќе си доаѓаат и покрај се’. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој неодамна повторно ја нарече ЕУ една блабла-манифестација, ќе се радува. Тој, исто како и останатите учесници на самитите, има право на вето. Неговиот дрзок национал-популистички курс победува.

Да се радува може и полската влада. Наспроти сета критика поради туторскиот однос кон полските судии, ЕУ не е во состојба да ги спроведе своите основни начела кога се работи за Варшава. Полска и Унгарија игнорираа опомени, постапки, судски одлуки.

Рамка за буџетот без недвосмислена определба за принципите на владеење на правото, не смее да има. Токму затоа е и исправно што канцеларката Меркел дозволи пропаѓање на овој прв самит за буџетот.

Еден, два натамошни самити ќе бидат неопходни за да се најде најмал заеднички именител. Буџетската рамка нема да биде ниту насочена кон иднината ниту ориентир. Добрата вест е што 27-те земји членки на ЕУ со многу бука и театар сепак ќе постигнат согласност, затоа што мораат. Во спротивно ЕУ ќе престане да функционира. А, тоа не го сака никој.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија