Дисперзирани студии или имитација на студирање
19 јуни 2017Не стивнуваат критиките од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) да го замрзне уписот на дисперзирани студии на УКИМ за оваа учебна година, и да редуцира одредени дисперзирани студии на другите универзитети.
„СДСМ ги укинува дисперзираните студии на дел од високообразовните установи, без притоа да направи анализа на досегашните резултати и без да спроведе јавна дебата за носење на оваа одлука“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквата критика наидува на негодување, со оглед дека токму Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе дисперзирани студии без да ги консултира универзитетите.
„Па зарем од партијата заборавиле дека токму тие не организираа никаква јавна дебата за оправданоста на потегот, кога решија да воведат диперзирани студии“, потсетуваат и младински организации, фокусирани на истражување и следење на образовните политики.
„Никогаш не дознавме ниту кој е акцискиот план за дисперзирани студии, ниту кои се очекуваните цели. Имаше многу реакции пост фестум, бидејќи претходно недостигаше јавна дебата за ова прашање. Ниту младите, ниту стручната јавност не добија можност да влијаат во донесувањето на оваа одлука“, велат од Младински образовен форум (МОФ).
Од СДСМ исто така одговорија на реакциите од политичкиот опонент.
„ВМРО-ДПМНЕ 11 години преку избрзани, неодговорни и несоодветни проекти, предизвикуваше штети во образованието. Доказ за тоа се и многуте рангирања на престижни светски институции и организации, кои образованието во Македонија редовно го сместуваа како едно од најлошите во Европа. Владата предводена од СДСМ почна да ги поправа штетите кои ВМРО-ДПМНЕ им ги нанесе на учениците, наставниците, професорите и образовниот систем. Оваа година, на студентите од еднородителски семејства ќе им биде овозоможено поевтино студирање на одредени студиски програми за кои ќе плаќаат само половина од партиципацијата“, соопштија социјалдемократите.
Повеќе зијан отколку ќар
Се добива впечаток дека одлуката на МОН го изненади само ВМРО-ДПМНЕ. Податоците говорат дека на дисперзираните студии не им пресудила одлуката на МОН, туку слабиот интерес за нив, несоодветните образовни услови и слабите резултати. До лани на дисперзираните студии на трите државни униврзитети биле запишани 14.606 студенти. На УКИМ од 441 студент во првата година од дисперзираните студии, во 2012/2013 таа бројка паднала на 46, па на 18 студенти лани. Бројот на запишани студенти е повисок на дисперзираните студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде со варијации се движи нешто над 1.000 студенти, а на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола во една учебна година достигнала до 600, но сега е со тренд на опаѓање до 300.
Ланското истражување на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) за политиката за дисперзирани студии „Високо образование - квалитет или квантитет?“ покажа дека нето-вредноста на инвестициите во дисперзираните студии кај трите селектирани државни универзитети е негативна, односно создава поголеми трошоци од придобивки.
„Препорачуваме дека инвестицискиот проект не треба да биде прифатен, односно да се размисли за сериозна реорганизација и ефикасност на трошоците и на придобивките на дисперзираните студии или, евентуално, за напуштање на овој концепт“, беше посочено од ИСИЕ.
Според проценките, трите државни универзитети коишто имаат дисперзирани студии за анализираниот период за овој проект оствариле вкупна загуба во износ од 57,2 милиони евра со отворањето на дисперзирани студиски програми во 15 градови.
Евтиното чини поскапо
ВМРО-ДПМНЕ не се осврнува на ваквите податоци, ниту пак има анализа на бенефитите. Од таму нагласуваат дека дисперзираните студии биле извонредна можност која секоја година ја искористувале од 2.000 до 2.500 студенти.
„Наместо да патуваат секојдневно или да се преселат во друг град поради упис на факултет, одлучуваа да студираат во своето родно место или во неговата непосредна околина. Тоа им овозможуваше да заштедат средства за патување, сместување и исхрана, но и да заштедат средства за уписнина, која чини само 100 евра годишно“, потенцира партијата.
Но, ваквата математика не се потврдува на терен. Задоволни од дисперзираните студии најчесто се оние на кои им треба статус „студент“ за да аплицираат за одредена сезонска работа во странство, но не се задоволни оние кои се заинтересирани да стекнат квалитетно знаење. Еден од нив е Г.Ј. (21), студент кој ги почувствувал „бенефитите“ на дисперзираните студии.
„Не се сомневам дека идејата била добра, но пред да се спроведе, требало да се создадат сите неопходни услови за нејзина реализација. Моето искуство е негативно. Немаше никакви услови за студирање - ни просторни услови, а да не зборувам за лаборатории, техничка опрема или надгледни средства... Така што, една година ми помина во некаква 'имитација на студирање', по што студиите ги продолжив во Скопје. Намалените трошоци за студирање во родниот град, не можат да се мерат со она што ќе се изгуби во процесот на учење, ако не се обезбедат идентични услови како на матичните универзитети, односно факултети. И на факултетите во Скопје условите се далеку од идеални во споредба со оние во светот, но овие беа навистина никакви“, вели студентот.
Поради дисперзираните студии и професорскиот кадар беше оптоварен со потреба секојдневно да патува во разни градови во земјата на предавања, на пример, за 20 студенти, што пак, поради проблеми со превозот, многу често влијаело да не стигнат на матичниот факултет, каде предавања чекале над 200 студенти. Велат дека поради недостиг на професорски кадар, дел од високообразовните институции се довеле и во парадоксална ситуација во нив да предаваат луѓе со сомнителни образовни квалитети.