1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатија или желботека

17 февруари 2022

Од Владата треба да одговорат: кој е јавниот интерес за општото добро на РСМ со одобрувањето на предлогот за генерален конзул во Њујорк и како со него се штити угледот на земјата?

https://p.dw.com/p/479JI
Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дипломатијата е огледало на државата. Македонската дипломатија во изминативе 30 години имаше огледало кое граѓаните честопати со право посакуваа да го скршат. Причини имаше многу, а најчесто беа поврзани со постапки сосема несвојствени за работата и кодексот на однесување на дипломатско-конзуларниот персонал. Но, сепак се случуваа - од многу инциденти со физички пресметки во амбасадите и конзулатите, преку злоупотреба на ресурси за приватни забави, до приватна врска која кулминираше со украден службен лаптоп, полициска интервенција и судски процес. По ваквите скандали, казните за амбасадорски возења под дејство на алкохол ги доживуваме како бенигни случаи во однос на другите „проблесоци“ на македонските дипломати.

По бројните уверувања дека  македонската дипломатија  ќе ја претставуваат компетентни, и кадри со висок морален и професионален интегритет, јавноста сега е сензибилизирана со информација за избор спротивен на ваквите најави. Ни МНР, ни Владата не потврдија дали на затворена владина седница бил прифатен предлогот Бесмира Ејупи (28) да биде генерален конзул на Северна Македонија во Њујорк, САД. Неофицијални извори велат дека така било.

Најмалку се во прашање годините на предложената кандидатка за  конзул.  Кај нас годините одамна се релативна категорија, уште од времето кога земјата доби премиер со 29 години, потпретседател на државата со 25 години, а во 2000. година влезе и во Гинисовата книга на рекорди како пример за државнички двоец од најмлад премиер и највозрасен претседател.

Во случајов, во прашање е, пред сѐ, стручноста и искуството за таа позиција. Јавноста нема официјални податоци врз основа на кои професионални компетенции е предложена спомената личност. Јавно достапниот податок за минат труд во областа на тв-презентерство не е соодветна препорака за предложената позиција, но не знаеме дали во меѓувреме лицето се стекнало со други соодветни знаења и вештини.

Ако јавноста не добие отчет од  МНР зошто е предложена, и отчет од Владата - зошто го прифатила предлогот за конкретната личност, практично граѓаните и немаат друга можност да бидат информирани за (не)основноста на овој предлог. Бидејќи, за разлика од процедурата за именување амбасадори, процедурата за испраќање генерален конзул не подразбира кандидатот да се презентира себе си и својата работа пред собраниската Комисија за надворешни работи. По извесен процедурален период едноставно ќе замине во Њујорк, без да го видиме, без да слушнеме како ја разбира функцијата, како ќе ја извршува, со какво знаење и одговорност.

Mazedonien Außenministerium
Јавноста очекува одговори од МНРФотографија: DW/P. Stojanovski

Најмалку што се очекува е овие прашања да биле поставени на седницата на Владата. Ние не знаеме дали некој воопшто прашал за стручниот бекграунд на предложениот кандидат. И дали некој се спротивствил, ако приложеното си-ви не давало никаква основа да се разговара за тоа, а камоли да се одобри предлогот? Патем, во Владата има заменик на премиерот задолжен за политики за добро владеење, и ова прашање е од делокругот на вицепремиерката Славица Грковска. И на ова прашање се положува „испитот“ за оправданоста од постоењето на оваа функција, или се потврдува дека е декор.

Но, ова прашање подеднакво ги обврзува сите членови на Владата. Заради обезбедување на нивно законито, чесно, транспарентно и одговорно работење постои нешто што се нарекува „Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата“.

Според членот 5 од Кодексот, носителите на извршни функции во своето работење се посветени исклучиво на јавниот интерес на и општото добро на РСМ и нејзините граѓани. Според членот 6, водат сметка со своето однесување да не наштетат на интересот или угледот на РСМ, Владата и институциите со кои раководат. Според членот 9, одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста и засегнатите страни за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција.

Со ова се обврзани да одговорат: кој е јавниот интерес за општото добро на РСМ со одобрувањето на конкретниот предлог за генерален конзул во Њујорк, дали и како со тој предлог се штити угледот на земјата и институциите, и зошто се бегаше од транспарентен одговор на овие прашања?

Можеби овој предлог за генерален конзул и немаше да привлече толкаво внимание, доколку не се случуваше во период кога земјава сѐ уште нема амбасадори во повеќе престолнини, почнувајќи од Вашингтон, па до Софија. Кога наместо шпекулации, јавноста би имала сознанија дали на тие позиции конечно ќе се најдат дипломати од кариера, кога грижата за именување амбасадори на тие места би резултирала со поголема ургентност, впечатокот би бил сосема поинаков. Додека сѐ уште немаме ништо за во клучните светски простолнини, а се брза со „никој и ништо“ во еден конзулат, нормално е да има жестоки реакции.

Од друга страна, лицемерно е кога стручњаци потсетуваат дека досега било пракса на таа конзулска позиција да се испраќаат професионалци од МНР, а истите одмолчуваа кога со години се „произведуваа“ амбасадори од ветеринар, пејач, психолог, државен советник за храна, претприемач, советник во приватна компанија, управител на дом за стари лица и други несоодветни и неискусни кадри за таа функција.

Оваа епизода може да има поинаков епилог за сликата за нашата дипломатија, само ако законите и принципите се почитуваат неселективно и надмандатно. А најмногу ако некои избрзани одлуки навреме се повлечат.