Димитров: Бугарија инвестира во антагонизам
30 септември 2021Со 16 секунди молк за 16-те години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ, вицепремиерот Никола Димитров го почна својот говор во Стразбур каде се одржува Парламентарното собрание на Советот на Европа. Фокусот на неговото обраќање беше спорот со Бугарија и блокадата на Софија на европската интеграција на земјата.
„Во 21-от век во Европа, прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членство. Не, ако Европа е континент каде се почитува културната и јазична шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор“, рече Димитров, оценувајќи дека пречките кои ги наметнува Софија се „историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба“.
„Кој сум јас и каков јазик зборувам не се прашања на кои може да се дозволи кој било друг да има право на збор. Тоа е лично мое прашање. Во една демократија, твојата држава не може да ти каже како се чувствуваш, а камоли некоја друга земја или организација," рече Димитров.
„Нема говор на омраза кон Бугарите“
Тој порача дека Скопје се залага за компромис со Софија, но правото на самоопределување не може да биде дел од тој компромис. Димитров одговараше и на прашање на неговата поранешна колешка по функција, бившата шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева која се интересираше за мерките кои ги презема Северна Македонија за справување со случаите на дискриминација и говор на омраза против граѓаните кои се изјаснуваат како Бугари.
Димитров рече дека во Македонија нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.
„Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во којшто сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување. Што се однесува до говорот на омраза, одговорно тврдам дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи. Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му го оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“, рече Димитров.