1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата на 1968-ма и татковците на 2018-та

21 јуни 2018

Природата на омразата како генератор на општествените енергии на денешницата не може да се дешифрира без претходна анализа на догматизацијата на љубовта родена во 1968. година

https://p.dw.com/p/301FX
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На денешен ден, пред точно половинаа столетие, малиот опскурен шведски филм „Ole Dole Doff” на режисерот Јан Троел беше прогласен за најдобар филм на 18-иот Берлински филмски фестивал. Филмот е црно-бела  приказна за строгиот учител Мартнесон и неговите очајни обиди за воспоставување ред во оделението полно со немирни и палави ученици, дополнително осилени од неговиот страв и длабока несигурност.  Педесет години подоцна, Златната Мечка на Берлиналето беше доделена на доку-кинематографскиот експериментален филм „Не ме допирај” на романската режисерка Адина Пинтилие. Славен од самодоволноста на l'art pour art жирито и презриво исмеан од критиката како „срамно лош и медиокритетски”, приказната на Пинтилие со фокусира на човечките предрасуди  кон интимата. И покрај полувековната дистанца, двата победника на Берлиналето во себе ја раскажуваат приказната за една година во нејзините две опачија – бунтовнaта општествена 1968. и интроспективно егоистичната 2018. година. 

Дијамантската годишнина од бурните ‘68-ашки настани е денес актуелна не само поради меморабилијата на една генерација, туку и како своевиден пандан фактор за дополнително разбирање на денешните бурни премрежија и предизвици на современието. Бидејќи, колку и да звучи апсурдно, секој обид за разбирање на современите хаоси би било однапред осудено на половичен успех доколку не се согледа зародишот сместен во токму таа, студентска „година на љубовта и бунтовноста” и нејзиното наличје на омразата и гневот на денешницата. Поинаку кажано, природата на омразата како генератор на општествените енергии на денешницата не може да се дешифрира без претходна анализа на догматизацијата на љубовта родена во 1968 година и профитеризирана од комфортабилно социјализираните „деца на цвеќето”. Само тогаш, и единствено тогаш, ќе разбереме дека денес и овде, во оваа 2018. година тече долго очекуваната одмазда на внуците на поразените дедовци од 1968. 

Symbolbild Sexuelle Revoultion
Фотографија: Express/Getty Images

Во својот осврт за „четирите хипотези за историските последици на 1968”, германскиот професор Клаус Офе нуди неколку примери за предизвиците на генерацијата на 1968. кон воспоставените владејачки пракси и еволутивни опозиции:

-    Домашната политика контра надворешната политика.

-    Запад против Исток; како дистинкција на Студената војна и авторитарните природи на двата система.

-    Уметност контра животот; фузија на двата аспекти низ поп култура

-    Наука против политика; критика кон политичките импликации на науката и академијата.

-    Приватниот живот контра политиката; низ слоганост „приватното е поликтичко”.

-    Репрезентативни политички елити контра лојалните и послушни маси; разголување на кодот „владејачка партија наспроти опозицијата”.

Повнимателното читање на тогашните лево-настроени мотивациони сили на студентската бунтовност водат кон интересно и сосема парадоксално препознавање на сличноста на современите, денешни движечки сили на подемот на десничарството во современа Европа. Сѐ е речиси исто, само испревртено. Надворешната политика на изолација во подем контра домашните корумпирани пропоненти на еврократијата. Исток против Запад демонстриран низ подемот на про-путинизмот низ популистичките партии на Западот. Животот против уметноста како протест на обичните луѓе против самодоволноста на елитизираната уметност. Политиката против науката демонстрирана во одбивањето на научните сознанија за последиците на индустријализацијата по животната средина. Политиката против животот, наметната низ подемот на религијата и национал-конзервативизмот како движечка сила на десничарството. Бунтовните маси против самоизолираните политички елити, но со споделена убеденост за бришење на дистинкцијата помеѓу владејачкото и опозиционерското, како нус-ефект на упливот на банкарството во политиката без оглед на поставеноста на партиите во системот. 

Омразата како платформа на мобилизација и збор 

За разлика од академскиот елитизам на 68-та диктиран од моќта на студентите, денешната ударна тупаница на бунтот е предводена од работничките предградија. Од службеничката каста оставена на немилост на бирократизираната социјалдемократија и милост на популистичката мисла на едностваносто и симплифицираното црно-бело согледување на кожата, верата, јазикот и културата. Чистотата на духот на 68 беше определена од брадасто-косестата раскалашност, голотија и немарност на унисексуализмот, додека пак современата 2018. е духовно отсликана низ клинички-стерилната, бактерофобна педантерија и хипохондричен ентериер на блескаво неонско мртвило, доминација на сивото и беж-неутрална чистотија на канцеларискиот минимализам. Во 1968. младите низ сателитските телевизии го открија светот како егзотика и повик на дивината спремна за освојување. Во 2018. година, младите низ социјалните мрежи ја разбраа својата кревкост среде глобализацијата како закана за сопствената посебност.

Протестите во 1968. година означија крај на доминацијата на политиките и авторитетите родени низ воените искуства на континентот, отстапувајќи место за посовремени, креативни и опшествено поправични сили на прогресот. Педесет години подоцна, се чини дека сосема непосакувано тие исти сили на прогресот се имаат пресвртено во лик и прилика на сопствените родители како гаранти на статус-квото, несвесни дека нивното славно лето на љубовта се скамени во догма, бесмислена пропаганда, евтина парола, излитена излишност. Создавајќи простор за една нова генерација која не само што сопствената кауза ја базира врз старите добри мината, туку бесрамно и дрско ја манифестира омразата како платформа на мобилизација и збор.  

Претходни колумни од авторот:

Засега (сеуште) без добaр наслов

Преспански Рамковен Договор

Берлинска платформа за Големи неАлбании

Кога Зоки го сретна Мицко

Symbolbild Telegram Messenger blockiert
Фотографија: picture-alliance/AA/S. Karacan

Без одржливи решенија и одговори за денешницата

Наречето го како смена на генерации, крај на една епоха, самракот на долгото лето на 1968. е само заокружување на еден циклус во кој некогаш полетното „барање на невозможното” капитулира пред заморот од неизбежното. Отстаувајќи место за зачеток на нов циклус, кој со својата антагонистичност не треба да ни се допаѓа, ниту мора да го поддржиме, но со својата сила стапува на сцена независно од нашите сентименти. Етикетирањето на овој нов циклус со разно-разни епитети на осуда и презир засигурно нема да ја поколеба енергијата и силата која стои во нејзините мускули, ниту пак ќе придонесе кон зародиш на некој нов позитивен политички бран на промени по мерка на времето и потребите на луѓето. Ретроградноста на нео-авторитаризмот на 2018. не може да се лекува со лсд-фантазмагорични утопијански футуризми од минатиот век, без притоа да впадне во стапицата на генерациски судири сведени на марширања на јунгер-пивопијски „славни мината” и занесени пеења „let the sunshine in”. Какви и да им се аргументите, колкави и да се децибелажите од грлата, спротиставените духови на 68-ма и 2018-та се взаемно хендикепирани во барањето надеж во реанимирање на изумрени мината или утопистички иднини, но без одржливи решенија и одговори за денешницата.

Токму затоа, чинам дека и бесот на генерацијата на 2018 ќе биде принудена да ја извлече истата поука на полетноста на 1968. Бунтовност кој на крај ќе биде скротена, капитализирана и впрегната во интересите на рационалноста на денешницата и нејзините сувопарни, сиви, безидејни но сепак лесно предвидливи и уште полесно прифатливи аргументи. Елем, револуциите веќе не ги јадат сопствените деца. Резонот на рационалноста откри дека е пополезно да се молзат на долг рок.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач