1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата на војната

Франк Хофман / Е.М. Фиданоска4 јуни 2015

Петро Порошенко е на власт во Киев една година. Тој сакаше да ја изведе Украина од криза. Колку земјата е далеку од тоа може да се види во домовите за деца долж фронтот во Донбас.

https://p.dw.com/p/1FWfd
Фотографија: DW/F. Hofmann

Кристина има 18 години, потекнува од источноукраинското бунтовничко упориште Доњецк. Побегнала сосема сама. „Откако почна војната, минатото лето, престрелките некако се‘ повеќе се приближуваа до нашето училиште.“ Еден ден таа ги спакувала работите и се качила во еден од портокаловите автобуси кои возат преку контролните пунктови на бунтовниците и на украинските трупи. Целта и‘ била да стигне до првиот поголем град на подрачје кое е под контрола на владата - Красноармејск. Претходно, преку интернет, нашла место во друго училиште кое сакало да ја прими. Потоа, пријателка која избегала претходно и нејзиното семејство ја сместиле во домот за деца во Красноармејск со кој управува црквата. Оттогаш секојдневно е на интернет и одржува контакти со своите пријатели во Доњецк. „Се разбира дека најрадо би сакала да се вратам дома“, вели Кристина.

Леб и малку мармалад за појадок

Но таа мора да се снаоѓа сама, родителите одамна не се грижат за нејзе. Тоа го отсликува социјалниот пад во Донбас кој се почна долго пред војната. Регионот долж линијата на фронтот е полн со фабрики кои не работат. Сеедно дали во градот на фронтот Новоајдар, кој е во рацете на украинските сили северно од бунтовничкото упориште Луганск, или во речиси секое поголемо место долж линијата на фронтот - насекаде се протега синџир од домови за деца кои се главно во државни раце и не се доволно снабдени. За појадок има одвај нешто повеќе од две парчиња леб и малку марамалад. Алексеј Каган, раководител на црковниот дом за деца во Краноармејск, може да го одржи домот само со помош на приватни донации. „Сега работиме само со 30 проценти од средствата што ги имавме претходно.“ Сепак, тие работат и натаму и тоа е среќна околност за Кристина, едно од безброј деца на војната во источна Украина. Таа била престара за да биде сместена во државна институција.

Kinder des Krieges Ukraine
Кристина избегала од Доњецк сосема самаФотографија: DW/F. Hofmann

Момчето од замрзнувач

Сега живее во детска соба со играчки од плиш и неколку помали девојчиња. Тоа е најдоброто што во моментов може да и‘ се случи, иако приказните на другите жители на домот ја отсликуваат целата разорна сила на оваа војна. Нејзиниот најдобар пријател во домот, да го наречеме Михаел, преживеал неверојатно нешта, нагласува раководителот на домот Алексеј Каган. „Мајка му го сокрила во замрзнувачот за да биде мирен.“ Михаел на проговара ниту збор со непознати возрасни лица. Дури и разговорите со малку постарата Кристина му минуваат главно без зборови. Кристина постојано го има в раце својот стар смартфон, нејзината порта кон светот од другата страна на линијата на фронтот, родниот град Доњецк. Михаел му се радува на својот нов фудбал. Раководителот на домот Алексеј Каган вели дека замрзнувачот бил исклучен. Тоа им го кажал Михаел, но дури откако го земале во домот. „Со недели не можевме да го контролираме, не можевме ништо да му кажеме.“ Михаел не познавал правила. „Потоа, конечно, на една од воспитувачките и‘ успеа да му се приближи.“ Тинејџерот ја раскажал својата приказна.

Kinder des Krieges Ukraine
Кристина не оди никаде без својот стар смартфон, кој и‘ е единствена врска со нејзиниот роден ДоњецкФотографија: DW/F. Hofmann

Економска пропаст, па војна

Алкохолизам, запоставување, социјално пропаѓање - регионот на челикот, Донбас, беше таков уште пред војната. „Олигарсите само си ги зедоа претпријатијата и ништо не инвестираа“, вели свештеникот Ралф Хаска од германската евангелистичка црковна заедница Света Катарина во Киев, кој дава поддршка и на црковниот дом за деца во Красноармејск. Сега, од пред една година, уште има и војна и бегство. Според наводи на ОН, своето родно место досега го напуштиле речиси еден милион Украинци. Одат во насока на исток, кон Русија, или во друг правец - кон Киев, или уште подалеку - кон побогатите западни делови на Украина. „Во Доњецк се‘ уште имам голем број пријатели. Се разбира голем број го напуштија градот, но се‘ уште има доволно кои се таму“, вели Кристина. Прекинот на огнот сега се одржува во градот, „значи, не се пука толку често“. Сега градот повторно ќе се изградел, нејзините пријателки повторно добивале пари, а животот повторно се вратил во Доњецк, и‘ раскажуваат тие на телефон. „Но точно не знам ни јас“, нагласува Кристина. Виновна за се‘ повеќе е владата во Киев, убедена е таа по сите разговори и интернет-четови. Но сега и‘ се помага токму на украинската страна на фронтот. Кристина ги крева рамената. Не знае што е исправно, а што погрешно.

Kinder des Krieges Ukraine
Илјадници луѓе бегаат од војната во источна УкраинаФотографија: DW/F. Hofmann

Камп на Крим

Во ходникот на еднокатниот дом за деца висат фотографии од некои подобри времиња: ѓаволести дечиња и млади на плажа. „Еднаш годишно одиме на Крим, во камп“, вели раководителот на домот Алексеј Каган. „Одиме“, вели тој во сегашно време. Сега не мисли на тоа дека со тоа време е завршено, со оглед на тоа што Русија го анектираше Крим. „Украина одлучи да оди во насока на Европа“, пред повеќе од една година, со „Револуцијата на достоинството“, на Мајдан, во Киев. „Некому му пречи што сакаме да го направиме тоа, што сакаме да се промениме одвнатре“, вели Каган на разделба, стоејќи пред домот, на лошо поплочената патека на крајот на улицата, каде што се наоѓа малиот објект кој е прибежиште за децата. Дрвата во малите градини цутат, куќите не се разликуваат од оние во сиромашните региони на истокот на Европската унија.