1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Десетици загинати во координирани напади во Хомс

СН/ агенции
25 февруари 2017

Поранешниот огранок на терористичката организација Ал Каеда во Сирија, Фронтот Фател ал Шам, ја презеде одговорноста за координираните самоубиствени напади во сирискиот град Хомс.

https://p.dw.com/p/2YFOt
Syrien Homs
Фотографија: picture alliance/AP Photo

42-те лица загинати во самоубиствените напади врз две бази на силите на безбедност, во срцето на третиот по големина сириски град Хомс, фрлаат сенка врз мировните преговори во Женева, јавија сириската државна телевизија и независната набљудувачка група од Лондон.

„Имаше најмалку 6 напаѓачи и неколкумина се разнесоа во близина на штабот на службата за државна безбедност и воената разузнавачка служба“, изјави директорот на Сириската опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман.

Тој уште наведе дека меѓу убиените е и висок офицер од службата за разузнавање во строго чуваните населби Гута и Махата. Силите на безбедност го блокирале центарот на градот. Хомс е под целосна контрола на владините сили од мај 2014 година кога бунтовниците се повлекоа од неговиот центар во рамки на договорот постигнат со посредство на ОН.

Karte Syrien Tartus Hasakeh Homs Englisch

Оттогаш, меѓутоа, градот стана честа цел на бомбашки напади. Во два напада на почетокот на минатата година се убиени 64 лица. Државната телевизија им одаде почит на „мачениците“ во последните бомбашки напади. Поранешниот огранок на терористичката организација Ал Каеда во Сирија, Фронтот Фател ал Шам, ја презеде одговорноста за нападите во Хомс. Во нивното соопштение се наведува дека 5 бомбаши самоубици ги извршиле нападите. Веднаш по нападите постоеше сомневање дека зад нив стои терористичката милиција Исламска држава, која контролира региони во близина на Хомс.

Владините сили ја презедоа од џихадистите на Исламска држава оазата Палмира и нејзините славни урнатини, кои се наоѓаат на листата на УНЕСКО за светско културно наследство, во офанзива со руска поддршка во март минатата година, но оттаму повторно беа истиснати од страна на ИД во декември минатата година. Оттогаш фокусот на владините напори беше насочен кон вториот по големина сириски град Алепо, кој целосно го освоија владините сили по повлекувањето на бунтовниците во декември.