1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на одлука: Меркел се збогува од ЦДУ

7 декември 2018

Тројца кандидати се во игра за лидерската позиција во најмоќната германска и европска конзервативна партија - Христијанско демократска унија. Денеска во Хамбург се бира наследникот на Ангела Меркел на чело на партијата.

https://p.dw.com/p/39dcD
Deutschland Angela Merkel vor dem CDU-Bundesparteitag
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

По повеќе од 18 години на чело на германската Христијанско-демократска унија, Ангела Меркел денеска го предава престолот во најмоќната конзервативна партија во Европа. Крајот на ерата Меркел, како што ја нарекуваат германските медиуми сепак не значи и нејзино повлекување од политиката. Барем не засега. Меркел веќе најави дека сака до крај, до 2021 година, да го истера својот мандат на чело на владата.
Веројатноста дека тоа и ќе го оствари е голема доколку на чело на партијата биде избрана актуелната генерална секретарка Анегрет Крамп-Каренбауер. Случајно или не, прекарот на Каренбауер е „малата Меркел“ и веројатно тоа доволно кажува колку партијата ќе се промени доколу таа застане на нејзино чело. Притоа, таа е и личен избор на Меркел за нејзин наследник и тоа секако ќе има влијание врз точно 1001 делегати на денешниот Конгрес.

Иако формално фигурираат тројца кандидати за лидери на ЦДУ, главен ривал на Каренбауер е Фридрих Мерц - поранешен висок партиски функционер кој се повлече од врвот на партијата по кавга со Меркел пред девет години. На третиот, актуелниот министер за здравство Јенс Шпан, не му се даваат големи шанси.
Мерц веќе предизвика големи бранувања во јавноста откако ја најави својата кандидатура. Тој е на некој начин, сон на секој конзервативец кој копнее по старите добри времиња кога демохристијаните беа цврсти поддржувачи на либералната економија и традиционалните вредности. Големото петно на Мерц е компанијата Блекрок, скандал кој се отвори експресно по неговата кандидатура. 
Доаѓањето на Мерц ќе значи, не само крај на социјалдемократизацијата на ЦДУ во времето на Меркел, како што обвинуваат некои критичари, туку веројатно и крај на нејзината политичка кариера.
За волја на вистината, Меркел ја помести ЦДУ кон политичкиот центар и благодарение на тоа добиваше и политички поени. Од помош се покажаа неколку теми кои традиционално беа предмет на залагањата на СПД или пак на Зелените, но Меркел неочекувано ги присвои за својата партија. Еден пример е семејната политика, бидејќи под Меркел се воведе правото на место во дневно престојувалиште за деца, како и надоместокот за родители. Со тоа, Унијата на изборите во 2013-та доби повеќе од 40 проценти гласови, бројка која денес е далечен сон. Кај конзервативните гласачи Меркел успеа да добие поддршка и преку еколошки и општествени теми.

Deutschland CDU-Regionalkonferenz Düsseldorf l Merz, Kramp-Karrenbauer und Spahn
Тројцата кандидати за наследници на Меркел. Од лево кон десно: Фридрих Мерц, Анегрет Крамп-Каренбауер и Јесн ШпанФотографија: picture alliance/dpa/F. Gambarini

Но, големата грешка се случи со миграциската и политиката за азил. Приемот на преку еден милион бегалци во 2015 година се покажа како чекор кој ја измести ЦДУ од конзервативната шина и го отвори патот за појавата на нови деснорадикални движења и партии кои успеаја на изборите во 2017 година да го спуштат рејтингот на партијата на Меркел на историски ниско ниво.
Веќе од утре ништо нема да биде исто во германската и европската политика. А дали Меркел и натаму воопшто ќе биде фактор на таа сцена, ќе зависи од нејзиниот наследник на функцијата.