Дел од германските нуклеарки не се безбедни
17 мај 2011При денешното претставување на извештајот на Комисијата за проверка на безбедноста на нуклеарните електрани, министерот за екологија Норберт Ретген порача дека четири од нуклеарните постројки не го исполнуваат ни најнискиот од вкупно трите степени на безбедност. Тие имено не би издржале паѓање ни на помали авиони. Што се однесува до поголеми авиони, за таква несреќа не е обезбедена ниту една од вкупно 17-те нуклеарки во Германија.
Ваквата состојба во секој случај ќе игра важна улога при донесувањето на политичките одлуки за гаснењето на атомските централи во земјата, порача министерот Ретген. Од друга страна, тој смета дека од извештајот на Комисијата што работеше по налог на владата од Берлин, не произлегува никаков притисок за итно откажување од користењето атомска енергија во земјата. Сепак, и резултатите од извештајот поднесен денеска напладне покажуваат дека треба да се бара решение за што е можно поскорешно откажување од атомската енергија и нејзина замена за обновливи извори. Брзината меѓутоа треба да биде поврзана со разумни решенија, нагласи Ретген.
Потребна е темелна анализа
Министерот за екологија порача дека резултатите од штотуку претставениот извештај треба да ги подложи на продлабочена анализа:
„Резултатот треба уште да се разгледува. Она што веќе сега може да се заклучи од извештајот, тоа е дека тој нуди јасна и издиференцирана слика за состојбата. Некои мерки за безбедност се исполнети, а други не и таа слика е различна за одделните постројки. Од извештајот произлегуваат и мерки што допрва треба да се преземат.“
Претставаникот на Гринпис за Германија, Хајнц Смитал, оцени дека извештајот на Комисијата дава јасна подлога за затворање на седумте најстари нуклеарки, како и на постројката Кримел, која се покажа како подложна на дефекти. Гринпис затоа бара од германската влада исклучување на спомнатите осум електрани веднаш, како и потполно откажување од атомската енергија до 2015 година. „Фукушима покажа колку е опасно да се намалува важноста на безбедносните ризици кај атомските електрани“, нагласи Смитал. При тоа не станува збор само за тенките бетонски обвивки кај постарите реактори, кои не би издржале паѓање ни на помали авиони врз нив, туку и за сериозни безбедносни ризици кога станува збор за тероризмот.
Автор: ГЧ/ЖА/дпа/дв
Редактор: Жана Ацеска