1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите не постигнаа единство околу Гоце Делчев

ДТЗ
15 февруари 2022

Декларацијата за Гоце Делчев не доби зелено светло на Комисијата за надворешни работи, откако беше одбиена со мнозинство гласови на пратеници од владејачките партии. 

https://p.dw.com/p/474NZ
Nordmazedonien Skopje | 150 Jahren seit der Geburt von Goce Delcev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Декларацијата за Гоце Делчев не доби зелено светло на Комисијата за надворешни работи - одбиена е со мнозинство гласови на пратеници од владејачките партии. Претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски информираше дека пратениците на СДСМ и на ДУИ гласале „против“ декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, која во Собранието ја поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ сметаат дека предлог-декларацијата е политичко подметнување од опозициската партија и бараат оставка од Милошоски од пратеничката функција, оценувајќи дека тој глуми „загрижен патриот“.

„Наместо да глуми загрижен патриот, Милошоски да се повлече од позицијата пратеник, затоа што не е достоен да ја врши оваа функција. Милошоски, човекот кој го нарекуваше Блаже Конески ‘џуџето од Небгрегово’, кој нарачуваше лустрација на Славко Јаневски е најмалку повикан да зборува за македонските национални интереси. Декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат  поделбите во македонскиот народ“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно апелираше СДСМ да ја прифати декларацијата. „Доколку не им е прифатлива тогаш јавно нека кажат во кој дел не се согласуваат со содржината. Ако под единство во Собранието подразбираат да го поминат законот за марихуана, тогаш ниту за 100 години од сега нема да се согласиме, затоа што ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сум претседател, бизниси на грбот на народот ниту ќе води, ниту ќе толерира“, рече Мицкоски.