ДВ: Пуштете ги новинарите на слобода
3 мај 2020Дојче Веле им додели Награда за слобода на говор (Freedom of Speech Award) на десетина новинари за нивното известување за корона-кризата. Новинари од четири континенти се наградени за работа во тешки околности за да успеат да објават независни информации за коронавирусот и за неговото ширење.
„Во време на глобална здравствена криза, новинарството има клучна улога и секој новинар носи огромна одговорност“, изјави генералниот директор на Дојче Веле, Петер Лимбург при објавувањето на имињата на добитниците на наградата во Берлин. „Секој граѓанин има право на информации поткрепени со факти. Секоја форма на цензура може да чини живот! Обидите за криминализација на известувањето за актуелната ситуација, јасно ја повредуваат слободата на мислење“, нагласи Лимбург.
Напаѓани, загрозени, уапсени
Ополномоштеничката на ОН за човекови права, Мишел Башле во видео порака им порача на наградените дека на широката јавност ѝ се неопходни „целосни и точни информации и јавноста мора да биде вклучена во донесувањето одлуки во нејзино име“. „Шокантно е што се вршат напади врз новинари, им се упатуваат закани, тие се апсени, против нив се подигаат обвинувања поради лажни прекршоци или дури и исчезнуваат зашто известувале за пандемијата“, изјави таа.
Новинарските организации се жалат на масивни ограничувања на слободата на печат во текот на пандемијата на Ковид-19. „Во сите делови од светот, авторитарните режими не можат да одолеат оваа досега единствена криза да ја искористат за да ги контролираат или да ја засилат контролата врз медиумите, како и државната цензура“, пишува на порталот на Репортери без граници. Меѓународниот институт за печат документирал преку 150 повреди на слободата на печат во бројни земји (заклучно со 29 април). Институтот забележал случаи како цензура, ограничување пристап до информации, но пред сѐ апсење новинари и напади врз новинари, како вербални, така и физички.
„Не се плашам од смрт“
Посебно тешка за новинарите е ситуацијата во земји во кои слободата на печатот и онака е ограничена. Како на пример во Кина, каде во декември 2019 година беше откриен коронавирусот. Цел свет во корона-кризата можеше да го почувствува „ефектот на тотална кинеска контрола на известувањето“, анализираат Репортери без граници. На ранг листата на ограничување на слободата на медиумите, оваа земја е на четврто место од дното. Зад неа се само уште Еритреја, Туркменистан и Северна Кореја.
На насловните страници на светските медиуми првенствено стигнаа информациите за повеќе исчезнати кинески новинари во врска со пандемијата. Адвокатот Чен Киуши ја информираше јавноста преку Твитер и Јутјуб од милионскиот град Вухан, пред да исчезне на 6 февруари. „Се плашам. Пред мене е болеста, а зад мене кинеската полиција и правосудството“, рече Чен во пост на Јутјуб кратко пред исчезнувањето. „Но, додека сум жив, ќе известувам и само ќе го проследувам она што го чув и видов. Не се плашам од смртта. Комунистичка партијо, веруваш ли дека ти се плашам?“, зборуваше тој во видео клипот кој имаше прегледи од преку три милиони лица. Дека не се плаши од Комунистичата партија, овој адвокат покажа во 2019 година, известувајќи за протестите во Хонгконг.
И бизнисменот Фанг Бин постираше видеа и во живо известуваше за сутуацијата во неговиот роден град Вухан, но и тој исчезна. Една од неговите најпознати видео снимки е онаа со вреќи со трупови во камион пред болница. Фанг на почетокот на февруари јави дека полицијата му го конфискувала лаптопот. Исто така и дека бил сослушуван. Од 9 февруари му се губи секаква трага. Меѓутоа, репресијата продолжува. Од 19 април исчезнаа тројца кинески активисти кои работеа на проект против цензурата.
Закани од највисоки инстанци
Случајот на Јелена Милашина од Русија предизвика возбуда ширум светот. Меѓународно наградуваната новинарка од 1996 година пишува за Нова газета. Сега таа е под надзор на Рамзан Кадиров, чеченскиот моќник, поради известување за корона кризата во автономната област Чеченска Република. На средината на април Милашина пишуваше дека граѓаните со симптоми на Ковид-19 не одат на лекување поради страв од репресалии. Ден подоцна Кадиров во видео- порака преку социјалните мрежи ја повика тајната служба на Русија да ги запре „овие нелуѓе кои пишуваат и го провоцираат мојот народ“. Ако власта сака „ние да извршиме злосторство и да станеме злосторници, тогаш нека го каже тоа“, рече Кадиров. Организациите за заштита на човековите права пораката ја оценија како закана со убиство на Милашина.
На заканите реагираа пратеничката на германската влада за човекови права, Бербел Кофлер, како и францускиот амбасадор за човекови права, Франсоа Крокет. Тие побараа од Русија да се позанимава со заканите упатени против Милашина. „Заканите на носители на државни функции се целосно неприфатливи и спротивни на секој вид правна држава“, стои во заедничкото соопштение.
Милашина, која веќе со години истражува повреди на човековите права и корупција во Чеченија, на почетокот на февруари беше претепана во еден хотел во главниот град Грозни.
12 дена затвор
За венецуелскиот новинар Дарвинсон Рохас известувањето за Ковид-19 имаше драстични последици. Овој 25-годишник објавува информации за коронавирусот на својот профил на Твитер. На 21 март, во неговиот стан во главниот град Каракас, го уапсиле припадници на специјалните единици ФЕАС. Рохас на Твитер напиша дека силите за безбедност добиле анонимно предупредување за еден случај на коронавирус. Но, според Амнести интерешнл, него подоцна полицијата го испитувала околу изворите на објавените бројки за случаи на коронавирус.
Рохас беше пуштен по 12 дена затвор со кауција и обвинет за „промовирање омраза“ и „поттикнување кривични дела“. Амнести интернешнл овие обвинувања ги оцени како политички мотивирани. Тоа е „само обид да се изврши притисок врз Рохас поради неговото известување за пандемијата во Венецуела“.
Репортери без граници од 2017 година регистрирале рекорден број самоволни апсења и насилство против новинари од страна на полицијата и тајната служба на оваа јужноамериканска држава.
ДВ бара пуштање на слобода на новинарите
„Ние ги истакнуваме сите наши колешки и колеги, кои во овие тешки времиња се насилно спречувани да ја вршат својата работа“, нагласи Петер Лимбург, генералниот директор на Дојче Веле во Берлин.
„ДВ бара сите новинари ширум светот, кои се уапсени поради известување за корона кризата, веднаш да бидат пуштени на слобода“.
Наградата за слобода на говор, Freedom of Speech Award, се доделува од 2015 година на иницијативи, но и на лица кои на исклучителен начин се залагаат за слобода на мислењето. Меѓу останатите досегашни добитници на наградата се и саудискиот блогер Раиф Бадави, Асоцијацијата на известувачи од Белата куќа и мексиканската новинарка и авторка Анабел Хернандез.
Доделувањето на наградата обично е врв на Глобал Медиа форумот, кој се одржува во Бон. Меѓутоа, поради пандемијата на коронавирус, конференцијата оваа година ќе се одржува виртуелно.