Двете лица на АРМ: успеси и крпен живот
18 август 2016Денеска без церемонии ќе помине одбележувањето на 24- годишината од формирањето на Армијата на Република Македонија. По изгубените животи и штетите предизвикани во скопскиот регион од невремето на шести август, ситуацијата налага скромност, а војниците на АРМ оттогаш до денес се зафатени со работа на терен. Прво учествуваа во спасување и евакуација на населението, а потоа и во расчистување на последиците од невремето. Немаат слободно време, а тешко е да се рече дека некогаш го имале. На денот на армискиот празник, за жал, голем дел од нив и самите се чувствуваат како осиромашени од „голема поплава“, во смисла на лична и техничка опременост.
„Средствата во Министерството за одбрана не се доволни ни за периодично одржување на системот на АРМ, а камоли за нејзина модернизација“, објаснуваат вработени од униформираниот дел во ресорот одбрана.
„Од година во година се послабо сме опремени и со униформи, и со муниција, и со техника. Според нашите прописи, треба да имаме по две летни и зимски униформи. Ние една иста униформа ја носиме и во лето и во зима. Кога ќе ја соблечеш јакната, униформата станува летна. Кога ќе ја облечеш, автоматски станува зимска. Ете тоа е реалноста. Слично е и со чизмите. И тие имаат век на траење по кој треба да се заменат. Според прописите, тој 'век' е од шест месеци до една година, во зависност дали си во единица од логистички или од борбен карактер. Сите ние истите чизми ги носиме и повеќе од три години. Ги крпиме редовно кај чевлар, а кога се толку износени што ни чевлар не може да помогне, најчесто приватно си купуваме нови. Иако многу ретко, некогаш може да се најдат нови чизми за замена во нашиот магацин. Но, тие се со толку слаб квалитет, што не се решаваме да ги замениме ни за овие, износените“, раскажуваат луѓето во униформа.
Ниски плати
Извори од Синдикатот велат дека тоа не е единствениот проблем.
„Просечната плата на униформираните е меѓу 15 и 16 илјади денари. Таа е под просекот на ресорот одбрана и под републичкиот просек. Таа е помала и во споредба со платите во другата безбедносна институција - МВР. Ним во 2015 година три пати по 5 отсто им ги зголемија платите. И ние баравме соодветно покачување на примањата, со што ќе се нивелираат платите во АРМ со оние во МВР. За жал, тоа не се случи. Велат нема пари. Не се согласуваме државата да биде мајка за полицијата, а маќеа за војската“, реагираат синдикалци.
Последен во низата проблеми е недостигот на организиран превоз до касарните поради неуспешниот тендер. На речиси 50 отсто од вработените кои на работа доаѓаат од други градови, сега работниот ден им трае од 12 до 14 часа, поради тоа што се принудени да користат редовни патнички врски и да менуваат и по повеќе автобуси. Проблемот е решен со тоа што добиваат надомест за одвоен живот во висина од 5.600 денари месечно.
„За оние кои живеат поблизу до местото на работа оваа сума ги покрива месечните патнички трошоци, но за оние кои доаѓаат од подалечни градови таа сума е недоволна, а разликата ја покриваат од свој џеб, односно тие го финансираат министерството“, реагираат вработени.
Но, и покрај ваквата состојба, велат дека љубовта кон земјата ги води напред беа оглед дали и колку им се распаднати чизмите или прекинат превозот.
„Поминаа 24 години од формирањето на АРМ. Ако нешто не се смени, следната година ќе прославиме јубилеј на мизеријата. Во ваква ситуација, единствено љубовта кон земјата е таа што не води и не мотивира да го дадеме својот максимум во извршување на задачите. Тоа што сме постојано на терен, еве сега и по поплавите, покажува колку сме патриоти и покрај лошите услови што ги имаме. Одговараме најпрофесионално на сите предизвици и за безбедноста на земјата, но и тогаш кога во кризни околности треба да помогнеме на другите да го остварат правото на достоинствен живот, она право што и ние постојано го бараме, а се уште не сме го добиле“, велат вработени во одбраната.
Ентузијазмот поголем од модернизацијата
Зад оваа, помалку видлива и сиромашна страна на „медалјата“, стои друга слика - на успесите на АРМ. Проектирана на 8.000 војници, таа е професионална, ефикасна, посветена на безбедноста и успешно се справува и со други предизвици- од мигрантски бранови до санирање на последици од елементари непогоди. Веќе 14 години учествува во мировни мисии за кои добива високи признанија. Во анкетите што го испитуваат јавното мислење, АРМ е во врвот според довербата што ја има кај граѓаните.
Но, и овој успех повеќе се крепи на силен ентузијазам, отколку на софистицирана опрема. Модернизацијата на АРМ со години е заборавена, бидејќи таа тешко може да се оствари со 1,4 отсто средства од буџетот, колку што се издвојуваат годишно за одбраната. За споредба, во развиените земји за системот на одбрана се издвојуваат од 2,2 до 2,5 отсто буџетски средства годишно.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски пред две години најави дека се подготвува предлог-буџетот, во кој се планира сериозно зголемување на средствата за модернизација, но и за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ.
„Зголемувањето го правиме плански. Нема да бараме зголемување на буџетот само за идната година, туку најмалку за три години однапред, така што и набавките ќе бидат испланирани за следните 3 до 5 години за АРМ“, изјави тогаш министерот за одбрана.
Но, во изминатите две години состојбата остана непромената. Единствениот сигнал дека АРМ планира да се подновува, дојде од опозицискиот СДСМ кој обелодени дека МО спроведува постапка за набавка на оклопни возила во вредност од 250 милиони евра, за кои исплатата треба да се одвива во период од 2018 до 2026 година. Според партијата, поради погрешните политики на власта тоа значи дека сега нема пари за таа цел, па ќе мора да се задолжат три идни влади. СДСМ реагираше и што единствен критериум за најповолен понудувач е цената, бидејќи од квалитетот на оклопните возила многу често зависи животот на војниците.
„Модернизацијата на Армијата за секоја држава е стратегиско прашање, кое не треба да се гледа краткорочен аспект“, одговорија од МО на обвинувањата, објаснувајќи дека процесот за набавка на оклопни возила започнал уште во октомври 2014 година.
„Тоа подразбира изработка на техничка документација на опрема која е во согласност со потребите на Армијата и со НАТО стандардите. Техничките критериуми кои ги побарува Армијата мора да бидат исполнети од страна на понудувачот, а тоа подразбира и безбедност на припадниците на АРМ. Кога овие услови ќе бидат исполнети тогаш се разгледува цената на понудувачот, кој секако е главен критериум“, соопшти МО. Оттаму посочуваат дека сумата од 250 милиони евра е за период од 12 години, заклучно со 2027, и не е наменета само за набавка на оклопни возила, туку и на транспортни средства, средства за индивидуална и колективна заштита, средствата за вооружување (борбени и неборбени), логистичка и медицинска опрема, како и за ремонт и модернизацијата на материјално - техничките средства.
Од првиот регрут - до денес
Со недостиг од основни средства и оружје, Армијата на Македонија ги направи првите чекори и пред 24 години. Таа израсна врз пепелта што ја остави бившата ЈНА, која замина со сето оружје и опрема од Македонија. На 21 февруари 1992 година, тогашниот македонски претседател Киро Глигоров и претставникот на федералната армија, генералот Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15 април. ЈНА целосно се повлече на 27 март 1992 година, кога Македонија ја напушти и нејзиниот последен војник. Претходно, македонските војници организирани во територијална одбрана (ТО) успешно ги извршија преземањето на границите и воените објекти. На 6 март беше преземен првиот воен објект - зградата на Републичкиот и Градскиот штаб на ТО во Скопје, а на 11 март и првата караула „Рамна нива“ на македонско - бугарската граница. На 26 март припадниците на ТО на општината Чаир во Скопје го презедоа и последниот, но и најголем воен објект - сегашната касарна „Илинден“. На 14 април во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут - Пане Јамадиев од Велес, а на 15 април во касарните во Скопје, Битола, Штип и во Охрид веќе беше примена првата генерација млади војници во АРМ, со што и почна формирањето на вооружените сили на Република Македонија. За роденден на АРМ е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев", кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.