1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Рохани станува новиот Ахмадинеџад?

Џамшид Барзегар
24 јули 2018

Преку размената на провокации со претседателот на САД Доналд Трамп, Рохани не покажува ни трага од ветувањата кои му ги даде на иранскиот народ во 2013 година. Наместо тоа, се чини дека тој оди кон радикализација

https://p.dw.com/p/31zhf
Iran Präsident Hassan Rouhani
Претседателот на Иран, Хасан РоханиФотографија: picture-alliance/AA/V. Baghdasaryan

Последните изјави на иранскиот претседател Хасан Рохани за можно затворање на преминот Хормуз за меѓународните нафтени конвои не покажуваат ниту трага од ветувањата кои им ги даде на Иранците во 2013. Напротив, повеќе звучат како воинствените изјави на неговиот претходник, Махмуд Ахмадинеџад.
На домашен план, претседателот Рохани во голема мерка ги спроведува изборните ветувања. Но што е она што го тера на меѓународно ниво да ги повторува критиките на својот претходник, иако самиот во повеќе наврати повеќе пати го има критикувано и изјавувано дека приоритет му е решавање на конфликтите на Иран со Западот преку преговори?

Дежа ви

Се чини дека повеќе фактори се зад промената на тонот на Рохани во надворешната политика, кои го принудија да им се обраќа на Врховниот лидер Ајатолахот Али Хаменеи и на командантите на Револуционерната гарда, наместо на луѓето кои го изласаа.
Прво, широкораспространиот револт кој ги зафати сите делови на земјата можат да се поврзат со оваа промена на политиката. Причина за големите протести се рестрикциите на вода и струја, валутната криза, невработеноста и широкораспространетата корупција меѓу функционерите.
Второ, повлекувањето на САД од Нуклеарниот договор и промените во кабинетот на Трамп фрлија сенка врз политиката на Вашингтон, и предизвикаа страв од усвојување на поостар став кон Иран.
Притоа, агресијата на САД кон Техеран доведе до тоа Трамп и државниот секретар Мајк Помпео експлицитно да потврдат дека помагаат во организацијата на широк револт во Иран и најавија поддршка за демонстрантите. Дополнително, заканата на администрацијата на Трамп дека од ноември 2018 ќе го блокира извозот на нафта на Иран, новите санкции кои Трамп ги нарекува „историски“ и зголемениот притисок врз иранските партнери да ги прекинат трговските односи со Техеран- сето тоа потсетува на последните години од владеењето на Ахмадинеџад.

Jamshid Barzegar -  neuer Leiter der DW Farsi-Redaktion.
Џамшид БарзегарФотографија: DW/B. Scheid

Пофалби од врвот

Она што останува исто е позицијата на Али Хаменеи, кој вообичаено одбива да му искаже отворена поддршка на Рохани, но неодамна го пофали претседателот за најавата дека ќе го затвори преминот Хормуз. Врховниот лидер го повика и министерот за надворешни работи да заземе ист став. Пофалби за Рохани стигнаа и од првиот човек на елитните Кудс единици Ќасем Солејмани. Се чини дека позицијата на умерените и реформаторите меѓу гласачите многу опадна во последните месеци. Од друга страна, наместо да се обиде да ја зајакне, Рохани очигледно се обидува да ја закотви својата позиција во структурите на моќта.

Опасна политика

А нема подобар начин да се зајакне сопствената позиција во врвот на моќта одошто да се негуваат добри односи со врховниот лидер и тврдокорните струи. За да го стори тоа, Рохани не само што ги усвои политиките на Ахмадинеџад, туку цитираше и коментар од никој друг туку од Садам Хусеин: „Секој конфликт со Иран, е мајка на сите војни“. Починатиот ирачки диктатор излезе со таа провокација пред американската инвазија во 2003- а историјата забележа како тоа помина.
Додека пристапот на Рохани се чини е концентриран на смирување на тврдокорните дома, последиците нема да бидат ограничени само на домашната сцена, како што покажува и агресивната реакција на Трамп. Во најмала рака тоа ќе го зголеми сомнежот кај европските партнер кои очајнички се обидуваат да го спасат Нуклеарниот договор- а со тоа ќе се посее семето на нови непријателства во и онака напрегнатите меѓународни односи.