1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки пресврт кон реализам

Јанис Пападимитриу/ Зоран Јордановски6 октомври 2015

Новата политичка порака на грчкиот премиер Ципрас е дека сака брзо да ги спроведе договорените реформи и во земјата да донесе странски инвестиции.

https://p.dw.com/p/1GjLz
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

„Прооден, но тежок пат полн со пречки“ - грчкиот премиер Алексис Ципрас во владината изјава во парламентот се заложи за брзо спроведување на реформите што беа договорени кон средината на август. Благодарение на спогодбата со кредиторите, владата обезбеди стабилни финансиски рамки за Грција до 2019 година, со што е ставен крај и на дебатата за напуштање на еврозоната. Најдоцна на крајот од легислативниот период кој штотуку започна Грција ќе ги остави зад себе должничката криза, политиката на штедење и „туторството од кредиторите“, рече Ципрас. Тој

Освен неколку странични удари на сметка на кредиторите, реториката на Ципрас речиси нема ништо заедничко со предизборните ветувања од почетокот на годинава, вели во разговор за ДВ политикологот Јоргос Цогопулос. По првата изборна победа на Ципрас и неговата партија Сириза во јануари, тој сакаше да ги отфрли омразените мерки за штедење наложени од кредиторите и да и’ објави војна на Тројката составена од ЕУ, ЕЦБ (Европската централна банка) и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд). „Пред неколку месеци сите знаци уште најавуваа бура и раскинот со партнерите од ЕУ изгледаше веројатен. Но, во меѓувреме и Ципрас, како и сите други премиери пред него, се декларира за меморандумот на политиката на штедење и не4јзиното спроведување изрично го прогласи за сопствен приоритет“, вели експертот од Атина.

Нејаснотии околу „мерките за штедење со исто дејство“

Пред септемвриските предвремени парламентарни избори Ципрас навести „паралелна програма, покрај програмата за штедење“, која треба социјално да ги ублажи или дури и порамни болните мерки за штедење. Во неговата синоќешна владина изјава тоа не го ни спомна, но го повтори ценбтралното предизборно ветување: дека ќе повлече некои од мерките за штедење договорени во август и ќе ги замени со „мерки со исто дејство“. Зад тоа се крие идејата тие нови мерки да донесат во државната благајна исто толку пари, но со помалку придружни последици.

Symbolbild Griechenland einigt sich mit Gläubiger-Unterhändlern auf Reformen Griechenland Akropolis Sonnenaufgang 2
Фотографија: Getty Images/O. Scarff

Политикологот Цогопулос тоа го оценува само како „мевлем за душата на народот“. Ципрас сака да покаже зрак на оптимизам, но во основа тој нема никаков друг избор, освен да ги сиполни налозите за штедење во договорените рокови и да изврши рекапитализација на грчките банки. „Доколку кредиторите во ноември оценат дека направил решавачки реформски чекори, тогаш - но само тогаш - левичарскиот премиер сепак би имал можност да ги стави под прашање особено непријатните налози за штедење или да ги замени со алтернативни мерки“, смета Цогопулос.

Спорни даноци

Колку тешка се покажа дебатата за резервни мерки за штедење покажува актуелниот спор околу новововедениот данок на промет за грчките приватни школи, во висина од 23 проценти. Во предизборната кампања Ципрас вети дека ќе ги преиспита посебните оптоварувања и ќе ги замени со други мерки. Минатата недела испадна дека таа задача не е толку итна: ако владата им влезе во трага на двајца или тројца големи даночни грешници и со тоа собере околу 200 милиони евра, тогаш би можела да се откаже од спорната даночна мерка, објави новиот министер за образование Никос Филис. На таа тема се наврати и Ципрас во владината изјава: данокот на промет за приватните школи е замрзнат до средината на ноември, а владата ќе се потруди за други адекватни мерки.

Леволибералниот „Весник на уредниците“ известува дека наводно веќе има конкретни предлози кои им биле поднесени на кредиторите: вонредни давачки за големите претпријатија, како и посебен данок за недвижностите на грчки државјани во странство. Ели Триантафилу, политички новинар, е скептична: „Порано беше мит да се соберат пари од богатите. Денес веќе речиси и нема богати луѓе во оваа земја“. Таа наведува дека од избивањето на должничката криза за еден милион се покачи бројката на Грци кои заработуваат помалку од 12 000 евра годишно.

В среда гласање за доверба

Пратениците во парламентот два дена ќе расправаат за владината изјава на Ципрас. В среда подоцна вечерта парламентот, судејќи според се“, ќе му изгласа доверба на новиот премиер. Тој е остро критикуван од некогашните соборци, но отпадниците од партијата веќе не се застапени во парламентот. Внатрепартиската критика во Сириза се чини дека во моментов се држи во одредени граници. Во полза на левичарскиот премиер оди и што конзервативната опозициона партија Нова демократија е зафатена со внатрешни кавги.

Вчера Ципрас го претстави и својот предлог-буџет за 2016. година, кој предвидува мерки за заштеда на 6,4 милијарди евра. Според владини проценки, грчката еконоимија наредната година ќе опадне за 1,3 проценти. Но, сепак е предвиден примарен буџетски вишок кон крајот на 2016. Значи, во тој момент Грција повторно ќе има поголеми приходи отколку трошоци - ако се’ оди добро.

.