Грчкиот парламент е распуштен, избори на 7 јули
11 јуни 2019Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос го распушти парламентот и со тоа го отвори патот за предвремени избори на 7 јули. Тој го прифати барањето од премиерот Алексис Ципрас за избори најбрзо што е можно.
Во Грција регуларни избори требаше да се одржат наесен. По дебаклот на неговата левичарска Сириза на европските избори на крајот на мај, Ципрас соопшти дека претпочита одржување предвремени избори. Земјата се наоѓа во период по една тешка финансиска криза и потребна ѝ е стабилност, а не долга кампања, нагласи Ципрас на средбата со Павлопулос.
Сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека по парламентарните избори ќе дојде до смена на владата. Според анкетите, конзервативната опозициска Нова демократија би имала најголема доверба на избирачите - повеќе од 30%. Сириза, според демоскопите, би можела да смета само со 23% гласови.
Лошиот рејтинг на Ципрас се должи, меѓу другото, на тешките мерки за штедење и реформите кои премиерот ги спроведе во претходните години за Грција да излезе на крај со должничката криза. Конзервативците сега ветуваат дека ќе ја поттикнат економијата, ќе ги намалат даноците и ќе се борат против невработеноста.
Повеќе:
Ципрас ќе побара предвремени избори, партијата на Каменос се откажува од учество
Грчките конзервативци се победници на локалните избори
И поранешниот сопатник и коалициски партнер на Ципрас, екс министерот за финансии Јанис Варуфакис, не се потпира на премиерот: „Алексис е актер кој се движи на бината и игра улога, улога на лагата“, вели Варуфакис. Тој најави дека со својата партија МеРА25 нема да му даде поддршка на Ципрас.
Деснопопулистичката партија Независни Грци, која беше коалициски партнер на Сириза, според најавите на поранешниот министер за одбрана Панос Каменос, нема ни да настапи на овие избори. Партијата на Каменос на европските избори освои само 0,8% од гласовите.