1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција станува поскапа

Јанис Пападимитриу/бг20 јули 2015

Грција почна со воведувањето повисоки даноци. Експертите се сомневаат дека зголемувањето на ДДВ ќе донесе поголеми приходи.

https://p.dw.com/p/1G1RK
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Последниот виц од Грција гласи вака: Костас купува кутија шпагети во супермаркет, а касиерката рутински го прашува: „Сакате да ви го завиткам за подарок?“ „Не благодарам, за мене е“, одговара тој.
Добро е кога хуморот опстојува во време на криза. Но работата не е за смеење: од денеска (20.07) секојдневниот живот ќе биде далеку поскап во Грција. Зголемувањето на данокот на додадена вредност за основните прехранбени производи и одредени услуги беше едно од клучните барања на грчките кредитори, и беше одобрено од парламентот минатата недела.
За некои производи како: ориз, тестенини, месо, кафе, чај, шекер итн, ДДВ ќе достигне 23 проценти. Надежта е дека тоа експресно ќе ги подигне владините приходи. Само од зголемените давачки на пецивата, во буџетот се очекуваат екстра приходи од 54 милиони евра, освен, се разбира, доколку побарувачката не колабира.

Дали ова ќе успее? Ни економистите не се сосема сигурни, а грчкиот пазар се смета за непредвидлив, како што објаснува Панајотис Петракис професор по економија:
„Зголемувањето на данокот може да ги зголеми владините приходи на кус рок, но и да ги зголеми шансите за рецесија на среден рок. Едно не го исклучува другото“, вели тој.
Последните години, економското однесување на Грците беше невообичаено, и истото е тешко да се употреби како база за предвидување, вели Петракис, а како пример го зема затворањето на банките:
„Стравувајќи дека целосно ќе ги загубат заштедите, многу луѓе не само што не конзумираа помалку, туку повеќе и плаќаа електронски. Фасцинантно е дека токму во овие економски околности побарувачката за одредени добра не се намали, туку се зголеми“, вели Петракис.

Griechenland Bankautomaten Kunden Athen Alpha Bank
И покрај затворените банки, Грците конзумираат повеќеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Baltagiannis

Дополнителен товар

Истражување на Атинскиот институт за истражување на трговијата на мало сугерира дека повисоките даноци ќе му донесат дополнителен годишен товар од 157 евра на секое домаќинство. Данокот исто така ќе биде зголемен и во рестораните и во хотелската индустрија, а и возењето со такси ќе стане поскапо. И малите бизниси треба да очекуваат зголемување на даночната претплата, а солидарната доплата за оние со повисоки приходи ќе важи ретроактивно од почетокот на годината.
Бројни експерти се убедени дека зголемувањето на ДДВ нема да и донесе дополнителни приходи на владата, туку само ќе го забрза падот на земјата во рецесија.
„Даночните мерки како овие ги цедат ресурсите од економскиот циклус и ја зголемуваат рецесијата“, објаснува економистот Михалис Аргиру.
Постои само еден логичен начин да се компензира овој дополнителен товар а тоа е инвестициски бум во Грција. Но, дури ни тоа нема да донесе резултати на среден рок, а притоа ќе бара и јасни правила за потенцијалните инвеститори.
„Најважниот аспект е подобрената правна сигурност, реформа на јавната администрација и модерен закон за стечај“, вели Аргиру.

Hafen von Skopelos
Островите ќе станат поскапи и за туриститеФотографија: Fotolia/trgowanlock

Без даночни олеснувања

Во преговорите со кредиторите, Атина попушти и се согласи да ги укине даночните олеснувања за грчките острови, кои долго уживаа во даночни стапки кои се за 30 проценти пониски од оние во остатокот од државата- како компензација за повисоките трошоци за транспорт на локалното население и на туристите.
„Зголемените приходи од островите се очекува да придонесат во годишниот таргет од 2,2 милијарди евра од ДДВ“, вели Петракис. Но, Грчката трговска асоцијација предупредува дека трошоците за живот на островите ќе се зголемат за 12 проценти.
Сепак, има и малку добри вести. Од денеска, грчките банки отворија по тринеделниот одмор, иако се работи повеќе за симболичен потег. Капиталните контроли и стриктните дневни ограничувања за извлекување пари остануваат во сила, а се уште не е можно да се извлечат ниту фиксните депозити.