1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и Турција: Воен конфликт не може да се исклучи

Константинос Симеонидис
28 август 2020

Конфликтот меѓу Грција и Турција околу резервите на гас во Средоземното Море опасно се заостри. Воен конфликт не може да се исклучи, смета политикологот Лазарос Милиопулос во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/3hdhP
Türkisches Forschungsschiff «Oruc Reis»
Турскиот истражувачки брод „Орук Реис“ во придружба на турски воени бродови во Средоземното МореФотографија: picture-alliance/dpa/IHA

ДВ: Во последните неколку децении постојано има тензии помеѓу Грција и Турција. Што овојпат е толку посебно? Од каде актуелното влошување на ситуацијата?

Лазарос Милиопулос: Стариот турско-грчки конфликт околу разграничувањето на воздушниот простор и територијалните води во Егејот, во моментов се зострува поради неколку фактори. Прво, економскиот фактор - се работи за конкретни резерви на гас во Средоземното Море и прашањето на конкретно приклучување и искористување на тие резерви Со тоа е поврзан и вториот фактор - релативно остар геополитички конфликт со учество на повеќе големи и регионални сили, кои имаат зони на влијание во Средоземјето. Конкретно, инволвирани се земјите кои излегуваат на Средоземно Море, значи покрај Грција и Турција, пред се’ Франција, Италија, Египет, Израел и поделената Либија, но и сили како Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Во тој контекст дојде до турско-либиски меморандум, во кој се интернационализира проблематизирањето на морските региони на грчките острови признати според обичајното право, на што Атина реагираше со египетско-грчки договор.

Турција, освен тоа, стана геополитички посамостојна. Анкара сега не само што де факто го има окупирано половина Кипар, туку во меѓувреме има воени интервенции во северна Сирија, Либија и северен Ирак. Згора на сето тоа, работата натамошно се комплицира со миграциско-политички уцени, идеолошки моменти и прилично агресивен јазик на владата на Ердоган. Владата на АКП во меѓувреме репрезентира една прилично отровна мешавина од „нео-османлиство“, авторитарност, исламизам, антикемализам, популизам, милитаризам, национализам и антиционизам. И, конечно, турско-руските односи во оваа фаза, и покрај својата комплицираност, на Русија и’ нудат многу можности за влијание, што дополнително и’ ги отежнува можностите на ЕУ. Стариот турско-грчки конфликт денес е „поинтернационален“, „поидеолошки“ и со поголемо геополитичко значење.

Deutschland Lazaros Miliopoulos
Д-р Лазарос Милиопулос, Институт за политички науки и социологија на Универзитетот БонФотографија: Privat

Верувате ли сериозно дека може да дојде до воен конфликт меѓу две НАТО-членки?

Тоа пред се’ зависи од турската влада. Наспроти сите заканувачки кулиси, реторички агресии и нивната жестока „политика со воени бродови“, претпоставувам дека владата на АКП не стреми сериозно кон тоа, од интерес кој е разбирлив. Грција, од своја страна, е воено опремена и подготвена и не може да се исклучи дека со некоја поголема грешка или несреќа, како судар на бродови, истрел или престрелка на отворено море, нема да настане синџиреста реакција, која потоа би завршила со воен конфликт.Тоа се случува прилично брзо и може да се спречи само со многу голем напор. Но, во таков случај, не би биле инволвирани само Грција и Турција. Тешко можам да си претставам дека е тоа во интерес на кој било меѓународен актер, па дури и на Русија, за која можеби може да се тврди дека профитира одактуелната ситуација

Германија во моментов се обидува да посредува. Може ли Берлин навистина да биде неутрален посредник?

Германија,од една страна, нема директно учество во политиката на зони на влијание во Средоземното Море. Но, таа поради повеќе внатрешнополитички и надворешнополитички причини не е едноставно неутрална и не е сосема независна. Германија сега и самата има конфликти со Турција, од кои дел се сериозни. Турската влада во последно време повеќепати ја провоцираше Германија, ја уценуваше и и’ се закануваше. Истовремено, што е речиси парадоксално, Германија извезува и натаму во голем стил воена опрема во Турција. Берлин може да се обиде да ги внесе во преговарачката маса сопствените национални интереси, на пример миграциската политика, доколку Турција се обиде да врши притисок по тоа прашање. Тоа однапред оди на штета на Грција. Тоа во Грција, во големи делови од јавноста, води до сфатлива скепса кога станува збор за Германија како претпоставен соодветен посредник, дотолку повеќе што германско-грчките односи не се сосема без проблеми поради постојаните барања за реапарации од Атина. Од друга страна, Германија како ЕУ-членка, е на страната на Грција, а територијалниот интегритет на ЕУ и зајакнувањето на меѓународното право се апсолутно во интерес на Германија. Значи, сето ова не изгледа баш многу неутрално, туку повеќе укажува на вплетканост и е многу, многу комплицирано.

Како би изгледало реалното сценарио за исходот од дијалогот на двете страни, за кој се залага Германија?

Треба да се почека за да се види дали целата посредничка стратегија на Берлин ќе има успех. Доколку нема, Германија на средбата на министерите за надворешни работи на ЕУ во Берлин може да се сврти кон поостар курс. Во таков случај, од масата тешко ќе можат да се тргнат барањата за ставање крај на преговорите за приклучување во ЕУ и други сакнции против економски заслабената Турција, а во екстремен случај и суспензија на (и онака делумната) царинска унија или дури и ембарго.

Доколку напорите на Берлин вродат со плод, сценариото би можело да изгледа вака: турската влада запира со своите дупчења, а за возврат турското учество во експлоатацијата на гас во Средоземјето ќе стане предмет на билатерални, па дури и мултилатерални преговори и тоа така што Турција ќе чувствува дека е сериозно сфатена, па дури и можеби Грција ќе соработува на некој начин со Турција за двете земји некако економски да ги делат резервите со учество на турски компании. Важното прашање на територијалните води помеѓу Турција и Грција, пред се‘ од аспект дали и под кои услови овие прашања ќе се расчистуваат на преговарачка маса или пред меѓународните судови, доколку не е можно на поинаков начин, на крајот може да се издвои од процесот наексплоатација на земен гас.

Д-р Лазарос Милиопулос е предавач на Институтот за политички науки и социологија на Универзитетот Бон