1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глас за луѓето, не за банките

Јоана Какисис/БГ27 јануари 2015

Иако грчката економија почна бавно да се опоравува, мнозинството гласачи го загубија трпението. Тоа е причината што големото мнозинство својот глас и го даде на Сириза. Атмосфера на надеж во Атина

https://p.dw.com/p/1EQxI
Фотографија: Reuters/Y.Behrakis

Грција ја избра првата левичарска влада во понеделникот, во истовреме поставувајќи на чело на државата партија која се залага против мерките за штедење. Само до пред пет години, Сириза беше мала партија со бенигно влијание. Но партијата и нејзиниот харизматичен млад лидер Алексис Ципрас, кој сега е премиер, јавнаа на бранот на јавното незадоволство поради огромните кратења на трошоците и зголемувањето на даноците.

Мерките за штедење ја урнисаа економијата, а рецесијата ја претворија во целосна депресија. Државата загуби една четвртина од својот економски производ. Над 25 отсто од Грците се невработени. Половина од домаќинствата живеат на работ на сиромаштија.
Панајота Контојани, вработена во јавниот сектор, вели дека разбира зошто луѓето гласале за Сириза, иако се јавувале сигнали дека грчката економија се опоравува. Таа гласала за Нова Демократија, конзервативната партија која ја предводеше владата од 2012 година. Вели дека сакала стабилност. Но, останатите околу неа ја загубиле надежта. „Немате доволно за јадење, немате струја. Колку долго ќе издржите. Еден месец? Година? Две години? Луѓето го загубија трпението“, вели Контојани.

Електра Канелу, археолог по професија, вели дека изминатите четири години ги минала во страв за својата иднина. „Постојано живеам во страв дека нешто ќе се случи, дека ќе ја загубам работата, дека ќе морам да се отселам од Грција. Мислам дека тоа е основното- стравот. Секогаш се плашам од нешто“, вели Канелу.
Таа гласала за Сириза затоа што партијата ветува дека ќе им ја врати моќта на луѓето, не на банките. Канелу смета дека Грција им го предала својот суверенитет на странските кредитори по пакетот за спас во 2010 година.

Syriza Unterstützer Feier 25.01.2015 Athen
Славје на приврзениците на Сириза во АтинаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Тројката надвор!

Но, Јенс Бастијан, германски економист кој работи во Атина, вели дека новата влада на Сириза сепак ќе мора да преговара со кредиторите, популарно наречени Тројка. Тие ги претставуваат ЕУ, Европската централна банка и ММФ. Многу новоизбрани пратеници на Сириза тврдат дека „ќе ја исфрлат Тројката“.
„Тоа е опасна изјава“, вели Бастијан. „Го отвора прашањето: дали ќе ја прогласите Тројката за персона нон грата во Атина? И доколку е така, тогаш со кого ќе преговараат? Кој ќе ја има моќта да влезе во било какво решение или договор?“

Преговорите со Европа би можеле да бидат далеку потешки за Сириза, сега откако партијата влезе во коалиција со Независните Грци, десничарска националистичка партија која ги опишува Германците како „окупатори“ споредувајќи ги со нацистите од Втората светска војна. Двете партии имаат многу малку заедничко, освен противењето на мерките за штедење. Но, лидерите на Сириза засега се дистанцираат од оваа коалиција, која би можела да предизвика идеолошка бура. Тие се концентрираат на она што следува, вели Матајос Цимитакис, новинар во весникот на Сириза, Авги.
„Најголемиот проблем во Европа сега е дефлацијата, и тоа е причината поради која ЕЦБ се одлучи за олеснувања со цел да се избори со овој проблем“, вели Цимитакис. Тој предвидува дека европските лидери ќе го намалат натрупаниот грчки долг. „Како што секогаш се случува во ЕУ, компромис ќе биде најден. Како ќе изгледа тој компромис, не знам, но знам дека постојат црвени лини, а една од нив е хуманитарната криза која се случува тука“.

Linke siegt in Griechenland - Tsipras mobilisiert die Massen
Алексис ЦипрасФотографија: picture-alliance/dpa/Michael Kappeler

Никој не им верува на политичарите

Во неговиот победнички говор во неделата, Ципрас вети дека ќе им ги врати достоинството и самопочитта на Грците, и ќе им помогне на осиромашените во кризата. Тој исто така вети дека ќе им застане на патот на олигарсите и на ендемската корупција во земјата.
Илиас Пантелекос, студент на поморско инженерство кој раководи со младинското движење на Сириза, вели дека таа порака која добро минува кај младите Грци.
„Најважно за нас е да го сопреме ова лудило со корупцијата во Грција“, вели Пантелекос. „Многу е важно. Ние сме европска земја а државата е толку корумпирана што никој не им верува на политичарите, никој не им верува на државните механизми, затоа една од најважните цели на Сириза е да го сопре тоа и да изгради нови врски меѓу политичарите, меѓу државата и граѓаните“.