1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски не дозволува меѓународна истрага за Куманово

Б. Георгиевски/стандард/нцц29 мај 2015

Македонскиот премиер го избегнуваат во Брисел додека се бара начин како да се постапи со земјата, пишува австриски Дер Стандард. НЦЦ ја критикува ЕУ поради попуштањето на БиХ

https://p.dw.com/p/1FYf0
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Македонската влада со сите сили се спротивставува на барањата за меѓународна истрага за случувањата во Куманово, пишува австрискиот весник Дер Стандард во анализата посветена на состојбата во земјата.

„Што навистина се случи во Куманово останува нејасно. Македонската влада се спротивставува на барањата за меѓународна истрага 'со раце и нозе', вели еден дипломат. Таква истрага бараа повеќе ЕУ-членки како и Албанија“, пишува Дер Стандард.

Весникот се осврнува и на погребот на убиените членови на вооружената група во Косово:

„Погребот во вторникот се претвори во манифестација на албанските ултранационалисти и на нивната идеја за Голема Албанија. Ветераните на УЧК во Приштина се однесуваа како да пристигнале вистински херои. Но всушност се работеше за посмртните останки на деветмина криминалци и еден поранешен член на УЧК кои беа убиени од македонската полиција на 9 и 10 мај во Куманово“, наведува Дер Стандард.

Австрискиот весник објавува и коментар за случувањата во Македонија потпишан од авторката и на претходниот извештај, Аделхајд Волфл.

„Македонскиот премиер Никола Груевски веќе многумина го избегнуваат во Брисел. Во Брисел се обидуваат да добијат на време, за да одлучат како да постапуваат со нестабилната држава.

(...) Доколку се погледне колку луѓе успеа да мобилизира партијата на Груевски на демонстрации, станува јасно дека тој се уште ги држи уздите во свои раце. И покрај злоупотребата на судството, корупцијата и контролата врз медиумите кои беа откриени преку прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата изминативе месеци, Груевски останува демократски избран шеф на владата“.

Mazedonien Kosovo Begräbnis Beg Rizaj in Decane
Погребот во Приштина се претвори во манифестација на албанските ултранационалисти, пишува Дер СтандардФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

(...) Излез од бесперспективноста не е на повидок. Во ЕУ постојат држави, кои ја блокираат Македонија. Грција и Бугарија со години ги блокираат сите иницијативи, кои треба да и го отворат патот кон ЕУ на земјата. И сега го прават тоа. И тоа, иако приближувањето кон ЕУ и НАТО- имајќи ги предвид и руските амбиции- би било логична можност да се стабилизира земјата“, коментира Дер Стандард.

Незаслужен напредок за Босна

Швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг под наслов „Незаслужен успех за Босна“ го анализира напредокот на БиХ кон ЕУ и покрај неподготвеноста на локалните политичари за било какви реформи. „Ретко од БиХ стигнуваат добри вести. Но еве конечно етапен успех, далеку од интересот на големите европски медиуми и по долго одолговлекување, на почетокот на следната недела во сила стапува Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. (...) Значи сепак нешто се менува во Босна? Дали долгогодишниот притисок на Брисел вроди со плод? Одговорот на двете прашања е: Не! Побрзо може да се говори за тоа дека ЕУ- фрустрирана со тврдоглавоста на националните табори во Босна- се откажа од своите барања и де-факто капитулираше“.

Според НЦЦ, „нервозата на Европа во однос на БиХ е разбирлива“. „Најпрво Русија го зајакнува своето влијание во српскиот ентитет со зајакнувањето на московските симпатии за сепаратистичките тенденции на Милорад Додик. Второ, Турција и други муслимански држави оставаат се посилни траги во бошњачките делови на државата. За да не им го препушти сопствениот двор на странските сили, ЕУ мора од време на време малку да ја излуфтира перспективата за членство“, пишува Ноје цирхер цајтунг.