Грета Тунберг кај папата Франциско
17 април 2019Шеснаесетгодишната Грета Тунберг со папата Франциско се сретна на плоштадот Свети Петар во Рим. Во текот на кусата средба со поглаварот на Римокатоличката црква младата Швеѓанка држеше плакат со барање „Придружи се на штрајкот за климата“.
Повеќе: Петоци за иднината: протести на ученици во речиси 100 земји
Папата и Грета Тунберг се ракуваа, а по средбата таа за весникот „Дагенс Нихетер“ рече:
„Беше многу пријателски настроен. Цело време беше насмеан.“ Активистката за заштита на климата за шведскиот весник додава и дека таа му се заблагодарила на папата за неговата борба за заштита на климата, а тој нејзе ја охрабрил да продолжи со своите акции.
Грета Тунберг, која стана позната ширум светот со петочните училишни штрајкови на кои се бара поголем ангажман за заштита на климата, вчера во Европскиот парламент од европратениците побара да вложат исто толку енергија за заштита на климата како за обновата на катедралата Нотр Дам во Париз.
„Вчера тажно гледавме како се уништува катедралата. Но, таа ќе биде повторно изградена. Таа има силен фундамент, но имаме ли и ние такво нешто?“, праша Тунберг во Европскиот парламент. Таа од политичарите побара намалување на емисиите на ЦО2 до 50% во наредните 10 години.
„Дејствувајте како кога би горела вашата куќа“, побара оваа шведска тинејџерка. „Кога би ви се урнала куќата, трогаш не би патувале низ светот во бизнис-класа во авион и не би свикале три итни средби за Брегзит, а ниедна за климата“, опомена Тунберг, која низ Европа патува со воз наместо со авион.