1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градоначалничка дилема - има ли спас од омраза

Кристијан Бартлау
19 февруари 2020

Навреди, закани, омраза претставуваат секојдневие за локални политичари низ цел свет, како што покажа конференција во Виена. Италијанска градоначалничка препорачува поголемо разбирање, германски колега- поголема тврдост

https://p.dw.com/p/3XzfC
Facebook Symbolbild Hate Speech
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.W.Alker

Издржувам многу работи, вели Тјарк Бартелс, а тоа на 50-годишниот човек со курпулентен изглед треба да му се верува. Но, и тој има свои граници. Лани есента градоначалникот на Хамелн-Пурмонт „падна“ поради случајот со злоупотреба во неговиот округ, односно беше отстранет. На еден плац за кампирање во Лигде, 32 деца биле долг период силувани од страна на група мажи. Бартелс морал да признае грешки на своите служби. Последица: коментари полни омраза на интернет, жолчна критика во медиумите, на крајот и писмо со смртни закани. „Тогаш моето тело повлече рачна кочница“, вели Бартелс. Дијагнозата гласи: брнаут. Бартелс, кој е градоначалник од 2013 година, во 2019 година заминал во предвремена пензија поради неспособност за работа. 

Четири месеци подоцна, Бартелс во Виена седи со свои колеги од Италија, Либан и Словенија на подиумот на меѓународна конференција на локални политичари и ја раскажува својата приказна. Четворица локални политичари, заедничка мака: сите нив во секојдневната работа ги следи перманентен притисок, кој се манифестира се‘ почестопреку социјалните медиуми. Во најдобар случај. Во најлош, во прашање се закани, навреди, дури и лични напади. Тоа во овој круг никој не го доживеал- „се‘уште“, како што нагласува Игор Марентич, градоначалник од словенечкиот град Постојна. Целта е да се бараат решенија против кампањите на омраза, но веднаш станува јасно: не постои едно решение, уште помалку – едноставно решение.

Соништата наспроти реалноста

На конференцијата во Виена се презентираа и успешни искуства. Јакнење на социјалното заедништво на пример е целта на „Act.Now", собир на локални политичари и актери од цивилното општество, основано во 2007 година меѓу другите и од австрискиот уметник Андре Хелер.

Tjark Bartels Landrat von Hameln-Pyrmont
Тјарк Бартелс - жртва на кампања на омраза и смртни заканиФотографија: DW/C. Bartlau

„На нас е да го промениме она што е негативно за нас и нашата планета“, изјави Хелер на отворањето на собирот. Заради мотивација на паноа се презентирани одделни успешни проекти: во Даблин се одржува мултикултурен фестивал на граѓани од најразлично потекло. Во Виена во позадина дискџокеји пуштаат во околните сали музика со потекло од културите на жителите. Во Ирак Мировни комитети по повлекувањето на Исламска држава вршат помирување на повратниците од фронтот со неповерливите жители.

Среде сите овие идеи за подобрување на светот, подиумот со политичарите под стрес делува како немилосрден „риалити чек“ за сонувачи. Сите четворица раскажуваат приказни во кои соживотот не функционира, во кои во поларизираните заедници расте незадоволството, кое крајно се насочува и против градоначалникот.

Средство против популизмот: добра политика

За Изабела Конти се‘ започнало со еден среќен случај. Градоначалничката на Сан Лацаро ди Савена, град со 32.000 жители во околината на Болоња, во 2016 година добила на подарок за нејзината општина вила, изградена со валкани пари, конфискувана од државата. Конти во тоа време била во итна потрага по место за сместување на многуте бегалци пристигнати во градот, па некои од нив ги сместила во вилата и иницирала интеграциски проект.

Тоа било повод за старт на валкана кампања, раскажува Конти за Дојче веле на маргините на конференцијата. Пред да продолжи, длабоко воздивнува: „Првенствено се одвиваше преку Фејсбук. Гнасни работи. Навреди дека сум комунистка, дека одработувам за ‘нив'". Конти повремено одговарала на постовите, понекогаш не. Но, по никоја цена не сака да го игнорира незадоволството. Подобро е да се остане во комуникација: „Постојано ги поканувам сите да ме посетат во општината.“ Таа смета дека луѓето можат да се убедат само со добра политика: „Тоа е најефикасното средство против популизмот.“ Конти сака да докаже дека води политика во општ интерес на сите: го запира узурпирањето на земјиштето, се бори против уличната проституција и дилерите со дрога, ги укинува таксите за детските градинки. Очигледно со успех: за првиот мандат била избрана со 59 проценти од гласовите, реизборот успеал со 81 процент.

Italien Isabella Conti Bürgermeisterin von San Lazzaro di Savena
Италијанската градоначалничка Конти - популарност без оглед на говорот на омраза против неаФотографија: DW/C. Bartlau

„Не знам како да се заштитам“

Но, и при ваква поддршка, вели колегата на Конти, Игор Марентич, остануваат неколкумина незадоволници, кои можат да бидат прилично гласни. Марентич пронашол свој начин за однос кон нив: воопшто не ги ни чита коментарите во социјалните медиуми.

Тјарк Бартелс првично сметал дека ќе се справи со џганот кој беснеел на интернет, кој на Бартелс лично му ги припишувал грешките направени во неговата општина. Често бил и претходно на удар на ветар од спротивна насока, зашто се ангажирал за бегалците и во својата општина сакал да подигне училница онаму каде националсоцијалистите вршеле прослави. „Но,во прашање беа десничари“, вели Бартелс во разговор за Дојче веле, „тие ме напаѓаа поради мојата политичка позиција. На таков начин чувствував дури и потврда.“

Но, смртните закани предизвикале да го загуби тлото под нозете: „Тоа беше напад врз мојот личен интегритет и тоа со такви погрешни обвинувања. Помислив: ќе бидеш убиен за нешто што воопшто не си го направил“. Бартелс вели дека уште се справува со доживеаното, не може да изрече препораки од неговиот случај. Сепак, се залага за обврска за објавување на вистинските имиња на корисниците на социјалните мрежи и апелира до медиумите омразата од интернетот да не ја пренесуваат и разбрануваат преку бомбастични наслови: „Тоа е меѓусебно подгревање“.  Бартелс не може да си замисли повторно да се ангажира во локалната политика: „Тоа е убава работа, но не можам едноставно да кажам како човек може да се заштити.“