1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Градоначалник на „службен пат“ во Инфективно одделение

23 ноември 2020

Работам се што треба - и да подадам вода, и да сменам инфузија, и да поткренам пациент, и да прегледам“, вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, волонтер на Инфективното одделение во прилепската болница.

https://p.dw.com/p/3lhVq
Mazedonien Prilep | Arzt | Dr. Ilija Jovanoski
Фотографија: privat

Тој е единствениот градоначалник во земјата на кого работниот ден му почнува во бел мантил. Секое утро во 7 часот во скафандер, под маска и визир се упатува кон Инфективното одделение во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп. Таму волонтира до 10 часот, потоа заминува кон општината каде го чекаат многубројни обврски. Кога обврските во општината ќе завршат, повторно го облекува скафандерот. Се враќа во болницата во 19 часот, каде волонтира уште неколку часа. Следниот ден – ист распоред, иста маршрута, и иста желба – да им помогне на болните од Ковид -19, да им помогне на лекарите, мединските сестри, техничари... Волонтирањето продолжува и во деновите од викендот.

Мора да се помогне

Вака, веќе 12 дена вака изгледа секојдневието на Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп, по професија лекар - специјалист ортопед. Кога на 11-ти ноември Јованоски најави дека ќе почне да волонтира, неговите сограѓани не беа изненадени, бидејќи во градот е познат лекар, хуманист, секогаш подготвен да помогне. Во разговор за ДВ, реномираниот ортопед објаснува кој бил пресудниот момент да „скрши нога“ и да се стави на располагање на Инфективното одделение во болницата.

Mazedonien Prilep | Krankenhaus Direktor | Dr. Ilija Jovanoski
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски им помага на лекарите во болницатаФотографија: privat

„Како градоначалник на Прилеп и шеф на Општинскиот кризен штаб, јас и мојот тим постојано укажувавме на мерките за заштита, на неоходноста од носење маски, дистанца... Вложивме многу напори, одржавме многу прес -конференции, а гледам бројките растат и стануваат загрижувачки. Решив со личен пример најдиректно да се вклучам во битката против болеста. Лекар сум, знам во вакви времиња колку е важна и помошта за пациентите, и помошта за колегите. Не сакав да се наметнувам. Најпрво разговарав со директорот на болницата и со колегите од Инфективното одделение, и им ја понудив мојата помош, која со задоволство беше прифатена“, објаснува Јованоски.  

Одлуката е вредна за почит, со оглед дека и самиот спаѓа во возрасна група која е поранлива на вирусот.

„Знам дека припаѓам на ризичната група од возраст над 60 години, каде е поголема можноста да добијам инфекција или да заболам. Но, тоа е пресметан ризик. Како општествено одговорен граѓанин и како лекар кој се обврзал на Хипократовата заклетва, решив да се ставам на располагање на моите колеги, од секој аспект. Се чувствувам здрав и сметам дека можам да издржам“, дециден е Јованоски.

На познат терен

Во прилепската општа болница тој е на познат терен. Пред да стане градоначалник таму бил директор, а бил и заменик директор во периодот од 1995 до 1998 година. Во лекарската кариера зад себе има околу 6.000 операции. Но, денес работи сѐ што налага состојбата и потребите.

„Работам се што треба - и како болничар, и како медицински техничар и како лекар. И да подадам вода, и да сменам инфузија, и да поткренам пациент, и да го прегледам“, вели Јованоски.

Има пофални зборови за ангажманот на раководството на болницата и за севкупниот медицински персонал, бидејќи битката со Ковид-19 не е само на Инфективното одделение, туку и на одделението за уво, нос и грло, на очно, дел на гинеколошкото, и во еден тракт од интерното одделение. Вели дека со ангажман на болницата биле зголемени и капацитетите на Дневниот центар каде 50-тина пациенти во полесна состојба добиваат терапија и инфузја, па сега е обезбедена и дополнителна просторија за тие потреби во одделението за физикална терапија.

„Сите работат многу, преоптоварени се, персоналот не може секаде да стигне. Во првите денови од моето волонтирање забележав дека поради таа оптовареност и презафатеност,недостига медицинска нега. Помогнав да се ангажираат осум негователки, по две во смена, посветени на нега на немоќни пациенти. Работат во смена од 12 часа. Надоместокот за нивната работа ќе биде обезбеден од донации на економски субјекти од општината, за битката со Ковид-19“, вели Јованоски.

Со оглед дека и други субјекти се понудиле за помош, се надева дека на тој начин наскоро ќе биде обезбедена и нова бројка на потребни монитори на кои се следи состојбата на пациентите - работата на срцето, притисок, пулс, сатурација...

Јованоски дома не треба да објаснува зошто голем дел од денот го поминува во болницата и зошто е битна секоја помош на здравстените работници. Тоа подеднакво добро го знае и неговата сопруга Виолета, која работи како лекар трансфузиолог во истата болница.

„И двајцата сме секојдневно изложени, така што - нема место за паника“, вели Јованоски.

Најсреќен е кога ќе види дека пациентите оздравени ја напуштаат болницата.

„За таа цел вреди да се работи. Тоа ќе го правам сѐ додека има потреба“, вели тој.

Разговорот го прекинавме кога дојде време да тргне кон болницата. Единствено тоа не смее да чека.