Пораки од гробот на Гоце Делчев
4 мај 2021Бугарскиот премиер Бојко Борисов го смета Гоце Делчев за симбол на заедничката историја на Бугарија и Северна Македонија. На 118-годишнината од смртта на револуционерот кој и Скопје и Софија го сметаат за свој, Борисов преку својот Фејсбук профил порача дека тој бил „бугарски револуционер и македонски војвода“ кој се борел за „автономија на Македонија и Едринско“.
Претходно во текот на денот, на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“ во Скопје се поклони бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов. Според соопштение на бугарското МНР објавено на Фејсбук, Ангелов истакнал дека „значајниот бугарски револуционер Гоце Делчев го дал својот живот за слободата на своите браќа“.
„Независно од сите перипетии на нашата тешка судбина, Гоце Делчев ќе остане светол симбол на несебична жртва, чесност, на заедничката историја и на заедничката европска иднина на Бугарија и Република Македонија“, изјавил амбасадорот Ангелов.
Во информацијата се наведува дека традиционално, на 4 мај, амбасадата на Република Бугарија во Скопје ја одбележала „118-годишнината од смртта на бугарскиот револуционер, почитувајќи ги сите мерки на безбедност во услови на пандемија“.
-повеќе на темата: Бугарските историчари во Комисијата инсистираат да не се споменува ништо „македонско“
Ликот и делото на Гоце Делчев е една од спорните точки околу коишто се судрија македонските и бугарските историчари изминатиов период, коишто се обидуваат да изнајдат решение за историчките прашања, поради коишто е блокиран и европскиот пат на С. Македонија. И делегации на повеќе македонски институции, политички партии и на здруженија на граѓани денеска му оддадоа почит на македонски револуционер Гоце Делчев на одбележувањето на 118-годишнината од неговата смрт. Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев не го посетија неговиот гроб, но испратија делегации и пораки преку социјалните мрежи.
Делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас”. Пендаровски, пак, објави порака на социјална мрежа Фејсбук : „118 години од смртта на водачот на македонското револуционерно националноослободително движење“, напиша тој.
-повеќе на темата: Македонските и бугарските историчари „заглавија“ на средновековието
Во име на Владата почитта кон Делчев ја искажаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за финансии Фатмир Бесими. Премиерот Заев на Фејсбук напиша дека „името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја“. „Тие се синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност, како синоним на македонската државност кој има најголема моќ во паметењето на Македонците. Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, го чествуваме како инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација која се бореше за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава“, вели Заев.
Амбасадата на Руската Федерација во Македонија на официјалниот твитер профил по повод годишнината од смртта на Гоце Делчев напиша: „Загина македонскиот народен херој“.„Пред 118 години загинал македонскиот народен херој, Гоце Делчев. Идеалите на борбата за слобода, на кои овој извонреден револуционер им го посветил својот живот, се релевантни во секое време“, се вели во пораката на Руската амбасада.