1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Слаб одзив за вакцинација во 12 градови

ДТЗ
3 септември 2021

„Секојдневно го повикаме населението на масовна вакцијација. Но, не секој ги слуша нашите апели“, вели градоначаликот на Гостивар, Арбен Таравари.

https://p.dw.com/p/3zpRa
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дванаесет македонски градови се соочуваат со низок процент на вакцинација, каде опфатот на вакцинирани со една доза на возраст над 18 години е под 40 проценти. Станува збор пред се за градови во источниот дел на земјата, каде апелите и кампањите на здравствените работници тешко продираат до населението. За време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало токму во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Дел од градоначалниците велат дека со личен пример, апели, секојдневни активности на терен им укажуваат на жителите дека имунизацијата е единствениот начин да се заштити личното и колективното здравје. Во дел од оштините, пак, локалните татковци креваат раце за слабиот одзив за вакцинација, па товарот е целосно префрлен на плеќите на здравствените работници, кои се борат и со вирусот, но и со слабата заинтересираност на граѓаните да се имунизираат. 

Има и општини, како на пример Валандово, каде зајакнатите рестриктивни мерки даваат резултат, па зголемен е бројот пред се на повозрасната популација за вакцинирање. Во Гостивар, по бурното лето, ситуацијата почнува полека да се смирува. Градоначалникот Арбен Таравари нуди спортски сали, училишта и ученички домови за да може да се спроведе масовна вакцинација. „Но, не секогаш граѓаните ги слушаат нашите апели. Можеме да помогнеме само со јавни повици и апели. Други инструменти немаме“, вели гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари. 

Каде е најкритично?

Податоците покажуваат дека на удар на четвртиот бран на вирусот, каде замав зема Делта сојот, се невакцинираните и младите меѓу кои процентот на вакцинирани е се уште низок. Скопје, Тетово, Куманово, Прилеп и Гостивар и понатаму остануваат на врвот на листата со најголем број заразени лица, а од 19 до 29 август беа пријавени 199 смртни случаи, најголем дел од Скопје (46), Тетово (42), Гостивар (27), Кичево (12) и Куманово (11). 

„Се наоѓаме во деликатна фаза каде Делта мутацијата на вирусот коси насекаде низ светот. Само преку масовна имунизација најсигурно можеме да ставиме крај на пандемијата. Ве повикувам да им помогнеме на здравствените работници и на здравствениот систем. Да се вакцинираме, да покажеме пример, да покажеме одговорност кон себе и другите. Вакцините се безбедни и го зајакнуваат имунолошкиот систем“, вели министерот за здравство, Венко Филипче. 

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Венко Филипче, министер за здравство.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но, ваквите апели не стигнуваат до сите. И покрај теренската вакцинација и кампањата на здравствените власти, најмал опфат со една доза на вакцина има во Гостивар - 29 проценти, Дебар - 30 проценти и во Куманово - 33 проценти. Во Кочани и Струга вакцинирани се над 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Ресен, Неготино, Свети Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш се вакцинирани под 10.000 граѓани во секој од градовите. 

Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 проценти, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19%  вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Според Министерството за здравство, последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37 проценти. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 проценти, а бројот на починати со ковид е 73.

Скопје, Кавадарци, Неготино, Битола, Ресен и Охрид се неколкуте градови каде вакцинацијата зема се поголем замав. Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем опфатен со една доза вакцина има во Кавадарци и Неготино над 61 процент, во Гевгелија - 59 проценти,  Ресен - 58 проценти и во Битола - 54 проценти. 

Подадена рака

„Ситуацијата во Гостивар до скоро беше драматична, но сега веќе се стабилизира. Се обидуваме секојдневно со апели и повици да ги убедиме граѓаните дека треба да се вакцинираат за да го заштитат своето здравје и на своите најблиски“, вели Таравари. Тој објаснува дека по сите правила примарното здравство треба да биде под општините, но со третата фаза од децентрализациајта тој процес се уште не е почнат. „Во моментов немаме никакви надлежности во примарното здравство“, објаснува Таравари. 

Nord-Mazedonien | Arben Taravari
Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но, тоа според него не е пречка да се помогне за да се мотивира населението за масовна имунизација. Тој на здравствените работници им понудил на користење објекти со коишто располага општината, а каде би можела да се реализира вакцинацијата на населението. „Се надевам дека најлошото помина и дека бројката на заразени ќе опаѓа“, вели Таравари. 

Во Гостивар 28.387 граѓани имаат примено прва доза, а 18.349 се целосно вакцинирани. Процентот на вакцинирани со една доза над 18 години е 29.6 проценти, што е особено низок во споредба на пример со Битола, каде тој процент е 54.5 проценти. 

Меѓу општините со голем број заболени, а низок процент на вакцинација е и Дебар. Но, градоначалникот Хекуран Дука го тврди спротивното. „Колку што ми е мене познато околу 7.000 граѓани имаат примено прва доза, а целосно се вакцинирани над 4.000 граѓани. Тоа не е многу слаба бројка“, вели Дука. Тој очекува ситуацијата со заразените во општината да се намали, по заминувањето на печалбарите. Токму свадбите и прославите коишто се организираа за време на летото, предизвикаа забрзано ширење на делта-варијантата на коронавирусот. 

Да бидеме одговорни

„И како човек и како градоначалник верувам дека вакцинацијата е единственото решение за да се справиме со вирусот. Граѓаните мора да бидат одговорни и за личното и за колективното здравје и во што поголем број да се вакцинираат“, вели градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. Токму со овие аргументи тој секојдневно и на терен се обидува да ги мотивира своите сограѓани дека имунизацијата е единствениот начин за што поскоро враќање во нормалниот живот.  

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Вакцинацијата против Ковид-19 во Северна Македонија започна на 17 февруари годинава.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во Валандово прва доза имаат примено 4.917 граѓани, додека целосно се вакцинирани 3.750 лица. Процентот на примена прва доза на граѓани над 18 години е 51.9 проценти во оваа мала општина. 

„Последниот период има зголемен интерес за вакцинација пред се кај повозрасното население, но тече вакцинацијата и за помладото население“, вели Костадинов за ДВ. 

Најголем број вакцинирани со Фајзер

Вакцинацијата против Ковид-19 во Северна Македонија започна на 17 февруари годинава. Во земјата во тек е вакцинација без закажување термин во постоечките вакцинални пунктови во земјата. Надлежните спроведуваат теренска вакцинација, но и домашна посета за оние коишто се немоќни. Според податоците на ИЗЈ до 21.08.2021, аплицирани се 400.751 дози на Фајзер/Бионтек (262.808 со прва доза и 137.943 со втора доза) и 45.367 дози на Спутник V (22.897 со прва доза и 22.470 со втора доза). Со АстраЗенека, којашто е дозволена само за граѓани над 60 години, се вакцинирале 107.917 граѓани (62.112 со прва доза и 45.805 со втора доза). 
Аплицирани се 299.639 дози Синофарм (150.555 со прва доза и 149.084 со втора доза) и 382.689 дози Синовак (215.434 со прва доза и 167.255 со втора доза).
Досега вкупно се аплицирани 1.267.666 дози вакцини, а ревакцинирани се 539.037 граѓани. 53% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28% од населението помеѓу 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина.

 

Борба за живот во тетовската болница