Голем пад на директните странски инвестиции во Македонија
10 јуни 2016Додека директните странски инвестиции ширум светот во текот на изминатата година пораснале за 36 проценти, во Централна и Источна Европа се намалиле за 26,7 проценти. Во новите членки на ЕУ падот изнесува дури 43 проценти. Ова произлегува од анализата на Институтот за економски истражувања од Виена (ВИИВ), од кого извадоци објави австриската телевизија ОРФ.
Во Заедницата на независни држави (ГУС) и Украина падот е уште поголем - 45%, „што пред сѐ се должи на бројките од Русија“, изјави Габор Хунија од ВИИВ. На Западен Балкан и во Турција, наспроти тоа, вкупно погледнато има зголемување на директните странски инвестиции од 48 проценти, но ситуацијата во одделните земји од регионот е многу различна.
Само Македонија и БиХ се во минус
Така, во Босна и Херцеговина е забележан минус од 41 процент, додека во Македонија инвестициите паднале за 23 проценти. За разлика од нив, Србија има плус од 41 процент, Косово има дури 115 проценти повеќе директни инвестиции, а Црна Гора бележи зголемување од 68 проценти. Во Турција зголемувањето на директните странски инвестиции изнесува 57 проценти.
Ако се прави споредба на апсолутните бројки во регионот, тогаш нивото на директни странски инвестиции во 2015 година бил најниско во последните седум години. За разлика од порано, обемот на директни странски инвестиции нема непосредна врска со економскиот пораст. „Минатата година имаше пораст од над 3 проценти, и тоа во речиси сите земји, а вредноста на инвестициите сепак падна“, нагласува Хунија.