Главоболки поради цената на струјата
21 јули 2022Високите сметки за струја им предизвикаа главоболки и на македонските компании. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, денеска предупреди дека ако Владата не му помогне на бизнисот кој е соочен со енормни сметки за струја, ќе има намалување на производството, затворања на капацитетите и отпуштања на вработени. Тој информираше дека вечерва (21.07) претставници од Комората ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски.
„Веќе е формирана Меѓуресорска комисија која наредните десет дена треба да го подготви предлогот врз основа на предлози што ги даде Комората, да оцени дали се прифатливи или не“, истакна Азески.
Во Комората, според него, во овој момент ќе се третира само едно прашање – цената на струјата. „Ако Владата не интервенира и не помогне во оваа ситуација, нема друго решение освен да затвораме“, вели Азески. Тој сепак се надева дека нема да дојде до тоа.
„Сите ги знаеме проблемите кои се трупаат 30 години и со тоа ниско држење и субвенционирање на цената на струјата сега изгледа огромно тоа покачување во ваква ситуација. Тоа е прв и основен проблем на компаниите и има најава од неколку компании дека размислуваат за намалување или за затворање на производството и отпуштање на вработените“, рече Азески при посетата на компанијата „Костал Македонија“ во Охрид.
Прогнози
Стопанската комора еднаш веќе побара помош од Владата, на чија адреса изминатиов период пристигнаа барања за помош и од општините, но и од Јавните претпријатија даватели на комунални услуги, кои се потешко се справуваат со последиците од економската и енергетската криза.
Дека ситуацијата дополнително ќе се влошува говорат и најавите на светските експерти, кои очекуваат цената на електричната енергија на берзите постојано да расте, поради големите горештини и се поистакнатата неизвесност во снабдувањето со гас. „Токму од тие причини натамошниот развој на ситуацијата е непредвидлив, а наесен може да има ново поскапување“, најави Штефан Цах, портпарол на австрискиот енергетски концерн ЕВН.
Искуства од регионот
Азески вели дека искуствата од регионот покажуваат дека во сите шест држави компаниите се во поповолна позиција зашто имаат субвенционирана струја, односно струја со определена цена која е директно од сопственото производство.
„Ние сме на слободниот пазар и плаќаме огромни суми кои се движат и до 350 евра, а при комплицирана ситуација на прекин на рускиот гас во Европа, може да дојде до уште двојно поголемо зголемување на цените“, рече Азески.
Словенија најави дека ќе донесе низа на мерки за ублажување на заканувачката енергетска криза и поскапувањето на енергенсите. Една од мерките се однесува на намалување на ДДВ за сите енергетски производи - не само за струја и природен гас, туку и за мазутот и дрвната биомаса. Намерата на Владата е, меѓу другото, да се израмнат цените на енергијата за сите потрошувачи, без разлика на изворот на енергијата и снабдувачот на енергија.