1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските весници ја губат битката со интернетот

Анѓелко Шубиќ / Темјана Поповска23 ноември 2012

Угледниот германски дневен весник "Франкфуртер рундшау “ неодамна отиде под стечај. Иако вработените се’ уште се борат за „својот“ весник, ова е доказ за се‘ подлабоката криза во која се печатените медиуми во Германија.

https://p.dw.com/p/16nDu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Печатените медиуми неподготвено ја дочекаа интернет ерата. Германија е земја во која со години излегуваат десетици дневни весници. Но, со појавувањето на квалитетни бесплатни содржини на интернет, сите наеднаш ги изненади падот на продажбата.

Многу издавачи, наместо да го прифатат предизвикот и да вложуваат во електронските медиуми, се обидуваат со мерки на штедење да ја задржат добивката од печатеното издание на весниците, што предизвикува пад на квалитетот. Низ тоа мина и весникот „Франкфуртер рундшау“, кој постои од 1 август 1945. година. Кога стана јасно дека весникот самиот не може да се соочи со предизвиците од новите медиуми, во 2006. година 50 проценти беа продадени на медиумската куќа од Келн во сопственост на Невен Ду Монт. Набрзо започнаа отпуштања, а медиумската куќа одлучи да ги обедини дописничките служби за сите свои изданија.

Штедење - до последниот читател

Здружението на издавачите проценува дека во последните десетина години бројот на претплатници за печатени медиуми во Германија е преполовен, а со голема брзина се намалува и бројот на продадени весници.

Секојдневно во Германија се продаваат над 21 милион примероци од весниците, а пред десет години продажбата била за 5 милиони повеќе!

Уредниците на весниците од издавачката куќа ВАЦ добија известување дека мораат да ги намалат трошоците за цели 20 проценти, а тие самите треба да го најдат начинот како тоа да го спроведат. Единствено решение би можело да биде укинување на регионалните изданија на некои весници, иако токму тоа е една од причината зошто читателите воопшто ги купувале тие весници.

Иако на регионалните изданија им се заканува згаснување, портпаролката на Здружението на германските печатени издавачи Ања Паскуај тврди дека сепак остануваат уште многу. „Оваа година во Германија постојат 1.532 различни изданија. Тоа во споредба со другите држави е премногу“.

Deutschland Zeitungsmarkt Print
Оние кои сакаат да прочитаат сериозна анализа купуваат веснициФотографија: picture alliance/dpa

Кој сака да троши пари на интернет?

Издавачите ја користат и можноста да ги продаваат своите содржини и преку интернетот. На прв поглед тоа изгледа како сигурна добивка. Во печатените медиуми, печатењето и дистрибуцијата се 48 проценти од трошоците, а само 26 проценти од трошоците се за редакцијата која го продуцира весникот.

Дури и Аксел Шпрингер, една од најголемите издавачки куќи во Европа, призна дека и‘ биле потребени „десетици милиони евра“ за барем да се обиде да почне да собира пари од електронското издание на весникот „Ди велт“. Сепак исходот е неизвесен. Тоа е инвестиција која во овие тешки времиња за медиумите и најголемите издавачи едвај можат да си ја дозволат.

Меѓутоа, Гинтер Рагер, професор по новинарство на Техничкиот универзитет во Дортмунд, смета дека печатените весници ќе постојат и во иднина, но со изменет облик. „Можеби печатените весници ќе бидат само за познавачите и љубителите на новинарството. Според податоците и развојот на случувањата, верувам дека весниците долгорочно ќе имаат своја публика меѓу подобро образуваните луѓе, кои себе си можат да си дозволат и весници и не сакаат информациите да ги бараат само на интернет“, предвидува Рагер.

Првите знаци од ваквиот развој на ситуацијата веќе можат да се забележат: расте тиражот на весниците за кои додека се читаат треба повеќе време и внимание, како на пример „Ди цајт“ или неделното издание на весникот „Франфуртер алгемејне цајтунг“! Очигледно е дека читателите сфаќаат - ако сакаат новости, вести за скандали или спортски резултати тоа може да го најдат на интернет. Но, ако сакаат сериозна анализа, тогаш си купуваат весници, но оние вистинските. Иако, тиражите веќе никогаш нема да бидат како што биле, останува и прашањето, дали ќе останат квалитетните новинари во редакциите додека и издавачите не ги сфатат новите правила на игра.