1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска реакција за случајот „Пуч“

ЕМФ / skopje.diplo.de / миа2 февруари 2015

Во врска со случајот „Пуч“ денеска доаѓа уште една реакција од Брисел, а се огласи и Германија.

https://p.dw.com/p/1EUaD
Фотографија: DW

Во ставот објавен денеска (2.02.2015) на интернет страницата на Германската амбасада во Скопје околу случајот „Пуч“се вели:

„Сојузната влада е многу загрижена околу кривичното гонење на македонскиот опозиционен лидер Зоран Заев и три други лица поради наводен обид за пуч. Со тоа е ставена под знак прашање способноста за функционирање на демократската опозиција. Ги повикуваме македонските власти да ги истражат овие тешки обвинувања на фер и транспарентен начин и согласно меѓународните стандарди, кои, се разбира, подразбираат и пресумпција на невиност. Од најголемо значење се независноста на правосудството и на органите за кривично гонење.“

Уште една реакција од Брисел

Европската унија денеска излезе со уште една реакција по повод настаните во Македонија. Како што пренесува МИА од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во името на официјален Брисел изјави: „Ние сме загрижени за политичката ситуација во земјата, начинот на кој овие настани за време на викендот беа спроведени и недостатокот на балансирана медиумска покриеност на настаните, што само ги зголеми нашите грижи. Сигурна сум дека знаете дека нашата загриженост за зголемената политизација и перцепција за селективна правда е исто така изразена во редовниот извештај на Еврокомисијата, издаден на крајот на минатата година. Според нас, најважно е истрагата да биде спроведена независно и транспарентно, имајќи го предвид целиот процес и начелото на пресумпција на невиност“, истакна портпаролката Коцијанчич.

Гласноговорничката на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, потсети дека и во саботата, веднаш откако беше обелоденет случајот „Пуч” во Македонија, ЕУ изрази загриженост

за настаните во земјата: „Сакам да потсетам дека во изјавата потсетивме дека очекуваме праведна, независна и транспарентна истрага во случај на какво било наводно погрешно работење, со целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со правото и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на пресумпција на невиност, повтори Коцијанчич.

Портпаролката на Еврокомисијата, додаде дека засега, како што стојат работите, останува планот на еврокомесарот за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, на 16-ти овој месец да го посети Скопје, што ќе биде прва негова посета на Република Македонија, откако тој го презеде ресорот од Штефан Филе.

„Досега нема промени во планот за посета на комесарот Хан на земјата, но се разбира дека одблиску ќе го следиме развојот на настаните и ќе ве информираме“ - посочи гласноговорничката на ЕК, Маја Коцијанчич.