Германската марка уште е „жива“
1 јануари 2012„Можете да платите и во германски марки“-иритирачка порака десет години по воведувањето на еврото, стои на рекламниот проспект на еден продавач на мало. Неговиот продажен штанд се наоѓа на просторот за паркинг во берлинскиот кварт Лихтенберг: две редици маси со прибор за шиење, батерии, производи од гума. Муштерии се главно пензионери, кои трагаат по евтина стока. Шефот има 28 години, се нарекува Вили Винциг, името го позајмил од една комедија од 70-те години:
„Започнав во фирмата во 2006-та година, уште тогаш можеше да се купува со марки. Кога веќе има уште толку многу марки зошто да не се работи со нив, тоа се добро заработени пари“.
Со марки уште може да се купува
Потенцијалот за работа со германски марки навистина не е за потценување. Со марката, што десет години е мртва, се‘ уште може да се купува. Модната стоковна куќа „Це унд А“ прима до 150 илјади марки месечно, металните стари пари ги примаат и околу 48 илјади јавни телефонски говорници на Телеком. Постојат уште околу 13 милијарди марки, заборавени во џебовите на палтата или во темните ќошиња на шкафовите. Стари пари.
„Често оштетени, корозирани, а често банкноти кои како да доаѓаат директно од печатница. Ги заменуваме во сооднос 2,1 марки за едно евро. Мораме постојано да ги контролираме в банка, за што е потребно време, што го наплатуваме со нешто повисок менувачки курс“, вели Вили Винциг.
Вообичаениот курс во Бундесбанката, каде марката може неограничено да се менува, инаку е 1,95 марки за едно евро. Ваков однос на почитување кон старата национална валута е редок во еврозоната. Со старите монети слично постапуваат уште само пет земји, со банкнотите-уште девет.
Носталгија по старата валута
На касата кај Вили во Берлин сега стои муштеријка со вештачко крзно на палтото. Во едната рака ги држи работите кои ги купува, во другата бел плик.
„Дали се тоа марки?“, прашува Вили. По потврдниот одговор, го пресметува износот во евра со дигитрон.
„Смеам ли да ве прашам, каде ги најдовте марките?“
„Во една касичка од ќерка ми, што ја најдов кога го преправав подот. Не се крадени“, вели жената.
За неа купувањето со марки доаѓа како дополнителен попуст. Парите и така биле веќе отпишани. Но, при плаќањето кај неа се насетува носталгија:
„Убаво чувство, за мене марката сепак имаше поголема вредност. Еврото можеби ќе ни донесе уште куп грижи, а марката е нешто подруго“, вели жената.
Емоционалната вредност на старата валута е слично стабилна како и цврсто одредениот менувачки курс на Бундесбанката. Но, при целата денешна скепса околу еврото, пензионерката не верува дека германската марка било кога повторно ќе се врати.
Автор: Хајнер Кизел/ Ж. Ацеска
Редактор: Борис Георгиевски