1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија загрижена поради Каталонија

Клаус Улрих
10 октомври 2017

Германското стопанство внимателно ги следи настаните во Шпанија и ситуацијата по референдумот во Каталонија.

https://p.dw.com/p/2lVU0
Spanien SEAT Autoherstellung in Katalonien
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/M. Oesterle

Германската економија е вознемирена поради тензиите околу шпанскиот регион Каталонија. Водечки шпански банки веќе повлекоа узди. Банката Сабадел во четвртокот најави дека ќе го премести своето седиште, а во Каталонија во иднина седиште веќе нема да има ниту Кашабанк, која ќе оперира од Валенсија.

„Ситуацијата во Шпанија ги загрижува германските претпријатија“, изјави новиот претседател на Сојузот на трговијата на големо, надворешната трговија и услужните дејности (БКА), Холгер Бингман за агенцијата Ројтерс. Според него, политичката нестабилност во Каталонија по референдумот ја загрозува економијата и има последици за инвестициите. Несигурноста влијае и врз германската економија, вели Бингман.

Еднаква е оценката и на шефот на одделот за надворешна трговија во Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), Фолкер Трајер: „Политичката нестабилност го загрозува непосредно економскиот развој“, нагласува тој, потсетувајќи дека Шпанија се опоравува од длабоката економска и структурна криза. На најновата ескалација на состојбата претпријатијата ќе реагираат со воздржаност во инвестирањето. Ако регионот се отцепи, се заканува голема правна несигурност.

„Доколку претпријатијата стравуваат дека би се нашле трајно во нејасна правна ситуација, тогаш голем дел од нив ќе го напуштат регионот“, го цитира „Шпигел Онлајн“ економистот Екарт Верц, координатор на истражувачки проекти на тинк-тенкот Барселона-центар за меѓународни односи. „Тоа би можело да оди многу бргу.“

Претпријатијата на лице место се воздржани, изјави за агенцијата АФП портпарол на германското државно инвестициско друштво Germany Trade & Invest. Според него, што и да направат фирмите, „ќе се налути или едната, или другата страна“.

Infografik Karte Wirtschaftsmotor Katalonien DEU
БДП по глава на жител во Каталонија, Шпанија и еврозоната

За Германија, Каталонија е економски најважен регион во Шпанија. Околу 1000 фирми имаат претставништва во овој регион. Според Сојузот на германската индустрија (БДИ), во цела Шпанија има околу 1600 германски претпријатија. Во Каталонија, од нив најголем обрт прават фирмата ќерка на Фолксваген - Сеат, хемиските концерни Бајер и БАСФ, како и ланецот супермаркети Лидл. Во Германија пак се застапени околу 400 каталонски претпријатија - од производителот на пенливо вино Фрешенет сѐ до туристичкиот концерн Групо Хотуса.

Германските претпријатија имаат инвестирано милијарди евра во Каталонија. Само во 2013 година се инвестирани речиси 900 милиони евра, главно во фармацевтскиот сектор. Во 2014 година се инвестирани плус 200 милиони евра. Во 2015 година се инвестирани повеќе од половина милијарда евра, од што една третина отпаѓа на трговијата со храна, а околу 16% на хемиската индустрија.

Конфликт со долга историја

Германија во 2015 година во Каталонија има извезено стока во вредност од околу 14 милијарди евра, што претставува околу 40% од целиот извоз во Шпанија. Особено биле барани автомобилите.

Обратно, околу 12% од извозот на Каталонија е во насока на Германија, во вредност од 7,5 милијарди евра. Повеќе каталонска стока добила само Франција. Регионот во Германија извезува пред сѐ возила (39%), апарати и електроматеријал (6,5%), како и производи од пластика (6,3%). Околу 2700 каталонски претпријатија извезуваат редовно во Германија.