1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дозвола за кривично гонење на Бемерман

ЕМФ15 април 2016

Германската влада даде дозвола за кривично гонење на водителот на ЗДФ Јан Бемерман, кој рецитираше навредлива песна за Ердоган. Истовремено е најавено укинување на параграфот со кој се регулира навредата на честа.

https://p.dw.com/p/1IWZg
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин соопшти дека во случајот на сатиричарот Јан Бемерман владата дала дозвола за кривична постапка.

„Во една правна држава не е задача на владата, туку на обвинителството и судовите да разгледуваат и одлучуваат за случаи на личното право и други работи кога станува збор за слобода на печатот и на уметноста. Во правна држава давањето дозвола за кривично гонење за навреда на органи и претставници на странски држави не значи ниту предвремена осуда на погоденото лице, ниту пак предвремена одлука за границите на слободата на уметноста, печатот и мислењето. Тоа е само дозвола за правна проверка и не владата, туку обвинителствата и судовите ќе го имаат последниот збор. Токму во таква и во никаква друга смисла и рамки сојузната влада дава дозвола во конкретниот случај на водителот Јан Бемерман. Освен тоа, сакам да ве информирам дека независно од оваа конкретна постапка, сојузната влада е на мислење дека параграфот 103 од Кривичниот закон како казнена норма за заштита на личната чест е во иднина излишен. Затоа ќе поднесеме предлог за негово укинување“, изјави денеска Меркел во Берлин.

Со параграфот 103 од Кривичниот закон се регулираат случаи на „навреда на органи и претставници на странски држави“. Во него се вели дека „оној кој навредува странски лидер се казнува со затворска казна во траење до три години“. Предуслов за обвинителството да покрене постапка е за тоа согласност да даде владата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднесе барање за кривично гонење на сатиричарот Бемерман поради навреда. Бемерман рецитираше навредлива песна за Ердоган, притоа и самиот нагласувајќи дека тоа не е сатира, туку навредлива критика.