Германија: Сѐ повеќе работници од Балканот
16 април 2019Германскиот Сојузен завод за статистика соопшти дека минатата година за 20 насто пораснал бројот на луѓе од земјите кои не се во ЕУ, а кои работат во Германија.
Истражувањето го покажа следното:
-Бројот на луѓето кои не се државјани на ЕУ, а имаат работна дозвола во Германија се зголеми од 217.000 во 2017 година на 266.000 во 2018.
-Ова е трета година по ред како овој број расте за 20 отсто.
-Поголемиот број од овие луѓе се од Индија (12%), Кина (9%) Босна и Херцеговина (8%) и од САД (7%).
-Тие во просек имаат 35 години, а над една третина се мажи.
-Над 80 насто имаат привремена работна дозвола, а само 17 проценти трајна, која им овозможува во Германија да останат на неодредено време.
Голем прилив од Западен Балкан
Заводот за статистика пренесува дека од нив речиси 25 насто се од Западен Балкан, односно од Албанија, Црна Гора, Косово, Македонија, Србија и БиХ. Во 2015 година беа само околу 9 отсто.
Повеќе:
-Во Германија доаѓаат добро квалификувани работници од Македонија
-Балкан: „Енормно зголемен број“ барања за работни визи
-По 14 македонски работници дневно доаѓаат во Германија
Откако земјите од Западен Балкан во 2014 и 2015 година беа прогласени за т.н. земји со сигурно потекло, на нивните граѓани им стана потешко да добиваат хуманитарни дозволи за престој во Германија (на пример, азил), и тоа е она што миграцијата во цел на вработување ја направи одржлива опција. Исто така, на државјаните на овие земји им е олеснет пристапот до германскиот пазар на труд.
Посебна категорија
Заводот за статистика нагласува оти државјаните од земјите кои не се членки на ЕУ, а имаат работна дозвола, не се бележат во категоријата на вкупниот број странци на германскиот пазар на труд. Под оваа категорија, инаку, се водат државјаните од земјите на ЕУ, односно, оние кои можат без дозвола да живеат и да работат во која било држава членка, но на пример и оние странски државјани кои се регистрирани во Централниот регистар за странци врз основа на некои други дозволи за престој кои, исто така, им даваат можност да се вработат - на пример бегалците.
Германската влада на крајот на 2018 година усвои нови закони со цел да се пополнат големите недостатоци на пазарот на квалификувана работна сила. Овие промени подразбираат дека сега за квалификуваните работници, вклучувајќи ги и оние кои не се од ЕУ, можат полесно да се преселат во Германија, особено ако станува збор за дефицитарни професии.