Германија: Повисоки пензии и минимална плата
10 јуни 2022Една недела по Бундестагот, денеска (10.06) и Бундесратот се изјасни „за“ зголемување на пензиите во Германија. Пензиите во западниот дел од земјата ќе бидат повисоки за 5,35%, додека зголемувањето во источниот дел ќе изнесува 6,12%.
Претставништвото на покраините даде виза и за зголемување на минималната плата. Од октомври таа ќе изнесува 12 евра за работен час. Тоа значи и зголемување на границата за оние кои имаат т.н. „мини џоб“, и тоа од 450 на 520 евра месечно. Од зголемувањето на минималната плата, како што соопшти сојузната влада, треба да профитираат над 6 милиони луѓе.
Бундесратот даде зелено светло и за корона-бонусот за негувателите, за кој парламентот донесе одлука на средината од мај. Со ваквата премија негувателите треба да се наградат за својата работа во корона-пандемијата. Зависно од квалификациите и работното време, бонусот ќе изнесува до 550 евра.
Бундесратиот денеска гласаше и за буџетот 2022-ра. Буџетот од 496 милијарди евра предвидува ново задолжување од околу 139 милијарди евра.