Рекорден буџет без нови долгови
6 јули 2018Буџетот на Германија за оваа година изнесува 343,6 милијарди евра, но нови долгови и натаму не се предвидени. Отккао вчера го одобри Бундестагот, денеска зелено светло даде и Бундесратот. Доцнењето во одлуката за распределбата на државните пари се должи на долгото чекање до формирање нова германска влада по изборите лани во септември. Од почетокот на годината во сила беше т.н. привремен буџетски режим, кој силно ја ограничуваше можноста на владата за нови финансиски акценти. Владата денеска пак го усвои и предлог-буџетот за 2019. година. Тој е проектиран на 357 милијарди евра, при што министерот за финансии Олаф Шолц останува цврсто на стратегијата на својот претходник - „црна нула“, односно не сака да прави нови долгови. Првпат по 17 години, со финансискиот план ќе бидат запазени и ЕУ-критериумите од Мастрихт, според кои нивото на задолжувања мора да биде под 60 проценти од брутодомашниот производ.
Новиот предлог-буџет ги открива тежиштата и политичките сигнали на владата. Издатоците за одбрана во 2019. година треба да пораснат за околу 4 милијарди, на вкупно 43 милијарди евра, со што т.н. НАТО-квота се зголемува на 1,3 проценти од БДП. Тоа е сѐ уште далеку од усвоената цел на НАТО-сојузот од 2014. година - воен буџет од два проценти од БДП.
повеќе:
Нов напад на Трамп против Германија
Повеќе пари за германската војска?
Повеќе пари за идната година се предвидени и за внатрешната безбедност, предвидено е значително засилување на полицијата. И Министерството за развојна помош може да смета на повеќе пари, една милијарда зголемување во однос на годинашниот буџет, вкупно 9,7 милијарди евра. Засега станува збор само за предлог, а пратениците во Бундестагот треба да го доработат планот, со што ќе се зафатат веднаш по летната пауза.