1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Германија: Разбиена голема мрежа за работа на црно

СН/ агенции
31 јануари 2018

Во голема рација во германската покраина Северна Рајна Вествалија откриена е организирана криминална мрежа која се занимавала со нелегални зделки со градежни фирми. Меѓу уапсените има и луѓе од Србија и од БиХ.

https://p.dw.com/p/2roU0
Deutschland Razzia gegen organisierte Schwarzarbeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Battefeld

Околу 1.100 припадници на полицијата, специјалните единици, како и претставници на Германската царина разбија во вторникот (30.01.) огромна криминална мрежа во германската покраина со најмногу жители, Северна Рајна Вестфалија. Во акцијата која медиумите ја опишуваат како „мега-рација“, се претресени над 140 станови, куќи и деловни простори во 31 град, меѓу останатите и во Дуизбург, Диселдорф, Морс, Манхајм, Менхенгладбах и во Леверкузен.

Уапсени се 8 лица - 6 мажи и 2 жени - за кои се верува дека се главни организатори на криминалната мрежа. „Тие се обвинети за фомирање цела мрежа на лажни компани кои издавале лажни сметки за повеќе стотици градежни фирми во Северна Рајна Вестфалија“, изјави Армин Ролфинк, претставничка на германската царина.

Повеќе на темата: 

-Очајот ги тера Балканците на работа на црно во Германија

-Македонците меѓу најбројните илегални работници на црно во Германија

-Германија активно бара работници од Балкан

Меѓу уапсените, на возраст меѓу 31 и 72 години, се двајца германски државјани, двајца се Срби (40 и 56 годишни), еден човек од Израел, еден од БиХ (52) и уште едно лице чија националност засега не е утврдена.

Deutschland Razzia gegen organisierte Schwarzarbeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Seidel

Обивнителите сметаат оти уапсените користеле мрежа на компании за да им овозможат на градежните фирми да избегнат плаќање данок, односно придонеси за социјално осигурување. Се верува дека услугите на оваа мрежа ги користеле околу 450 градежни фирми.

Перење пари за плаќање работници на црно

Користејќи лажни компании, уапсените на градежните фирми им издавале сметки за работи кои никогаш не биле извршени. Градежните фирми тие сметки ги плаќале, а потоа ги добивале парите назад, во готово, и со нив ги исплаќале работниците ангажирани на црно. Уапсените за ова посредување земале 10 проценти од градежните фирми, објасни Хајнц Михаел Хорст, претставник на истражниот тим.

Се верува оти преку таквите лажни сметки се префрлени околу 48 милиони евра, а дека државата, на име на неплатениот данок и социјални давачки за работниците на црно, е ускратена за околу 35 милиони евра.

Deutschland Razzia gegen organisierte Schwarzarbeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Battefeld

За време на рацијата е откриено и оружје, меѓу останатото две автоматски пушки, секири, ножеви и еден пиштол. Запленети се, исто така, неколку возила, како и 230.000 евра во готовина. Во акцијата која започна во раните утрински часови учествувале и специјалните гремански единици ГСГ 9, со оглед на тоа дека осомничените се оценети како „многу опасни“.

Јавниот обвинител од Вупертал, Волф-Тилман Баумерт, оценува оти размерите на илегалната мрежа, чија работа е следена од март 2016 година, е фрапантна. „Станува збор за врвни, професионални криминалци на кои, ако бидат осудени, им се заканува казна и до 10 години затвор.“