Германија: После поплавите доаѓаат политичарите
Поплавите често ја погаѓаат Германија. И тогаш следува познато сценарио: доаѓаат политичарите и ветуваат помош. Потсетуваме на најважните посети на политичари по катастрофи во изминатите децении.
Хелмут Шмит, Хамбург, 1962
Во поплавите кои го погодија крајбрежното подрачје на Северно море во февруари 1962 загинаа повеќе од 300 луѓе. Десетина илјади жители на Хамбург останаа без кров над глава. Тоа беше пресвртница во кариерата на идниот канцелар Хелмут Шмит, тогаш сенатор за внатрешни работи во Хамбург. Кризниот менаџмент и одлуката да се ангажира армијата во помошта за настраданите го направија познат во Германија.
Хелмут Кол, Бранденбург, 1997
„Вечниот канцелар“ беше при крајот на мандатот кога го посети Бранденбург во 1997 година, по катастрофалните поплави во регионот на истокот на Германија до реката Одра. Оваа ткн. „поплава на обединувањето“ се смета за прва национална криза која беше тест на солидарноста меѓу тукушто обединетата Источна и Западна Германија.
Герхард Шредер, Грима, 2002
На Герхард Шредер му се насмевна среќата по големото невреме во Саксонија во летото 2002, кога поплави ги зафатија Германија, Австрија и Чешка. Кандидатот за канцелар на СПД, соочен со не многу успешна предизборна кампања, облече чизми и се претстави како кризен менаџер во поплавеното градче Грима. Еден месец подоцна победи на изборите.
Едмунд Штојбер, Пасау, 2002
За Едмунд Штојбер, тогаш кандидат за канцелар на ЦДУ/ЦСУ, посетата на политичкиот противник Герхард Шредер на поплавените подрачја беше како студен туш. Штојбер беше на одмор на северот на Германија кога се случи катастрофата. Во Саксонија стигна неколку дена подоцна и огорчено се жалеше на „поплава-туризмот“ на својот ривал.
Ангела Меркел, Ној Гарге, 2006
Ангела Меркел неколку пати во текот на својот мандат посетуваше настрадани подрачја, а првпат во март и април 2006 во долината на реката Лаба во Саксонија. Катастрофата се случи само неколку месеци по ураганот Катрина во САД, кога Џорџ Буш беше критикуван поради лошиот кризен менаџмент. Меркел се погрижи тоа да не и се случи и на неа.
Ангела Меркел, Дрезден, 2013
Источна и јужна Германија ја погодија екстремни поплави во летото 2013, неколку месеци пред изборите. Катастрофата се закануваше да го уништи историскиот центар на Дрезден откако се излеа реката Лаба. Поплавите тогаш погодија поголем дел од средна Европа. Меркел ги посети погодените региони во Саксонија и Баварија и вети помош.
Армин Лашет, Хаген, 2021
Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ ги откажа сите планирани состаноци и замина во поплавениот Хаген. Овојпат политичкиот влог е голем, со оглед дека разорните поплави ги погодија гласачите во неговата матична Северна Рајна Вестфалија. Главен ривал на Лашет е партијата на Зелените, а неговата репутација на заштитник на индустријата на јаглен би можела да и наштети на неговата кампања.
Олаф Шолц, Арвајлер, 2021
Кандидатот за канцелар на СПД, Олаф Шолц ги посети тешко погодените места заедно со премиерката на Рајнланд Фалц и партиска колешка Малу Драјер. Иако според анкетите неговата партија заостанува зад ЦДУ, како актуелен министер за финансии, Шолц вети итна државна помош за погодените региони.
Ангела Меркел, Шулд, 2021
Канцеларката Ангела Меркел во неделата (18.07.2021) го посети селото Шулд во Ајфел. Го увери локалното население дека ќе им даде поддршка и веднаш најави нова посета. „Ќе останеме во контакт и ќе се вратам кон крајот на август“. Дали е тоа ветување во рамките на предизборната кампања? Не- Меркел не се кандидираше на парламентарните избори закажани за септември 2021.