Германија во шок, Берлин на удар на тероризмот!?
20 декември 2016Германската канцеларка Ангела Меркел изрази голема доверба во истрагата која треба да го разјасни „ужасното и несфатливо злосторство“, кое длабоко ја потресло и мора да биде казнето, според острината на германските закони. Меркел во овие мигови во мислите е со настраданите и ранетите.
„Целата земја е обединета во жалоста“, истакнува Меркел. „Според сегашните сознанија, станува збор за терористички напад. Знам дека потврдата на такво нешто за сите нас би била тешко поднослива, дека такво нешто извршил човек кој во Германија молел за заштита и азил“, истакнува Меркел.
Осомничениот возач кој со товарен камион синоќа влета во божиќен пазар во Берлин и усмрти 12 лица, а повреди 48, според најновите сознанија е 23 годишен маж од Пакистан, кој во Германија стигнал како бегалец. Тој на крајот на декември 2015 година преку Пасау влегол во Германија, а претходно се движел по т.н. Балканска бегалска рута. Според медиумите, уапсениот осомничен живеел во бегалски дом сместен на поранешниот берлински аеродром Темпелхоф. Тој користел повеќе имиња и на полицијата веќе ѝ бил познат по поситни деликти. Радио РББ јавува дека утрово е извршен претрес на бегалското сместувалиште, но не е познато за извршени други апсења. Осомничениот добил право на привремен престој во земјата во јуни годинава.
Истрагата ја презеде Сојузното јавно обвинителство од Карлсруе, надлежно за државна заштита. Камионот со полски регистерски таблички според полицијата околу 20 часот влетал на просторот на божиќниот пазар во населбата Шарлотенбург, навлегувајќи 50 до 80 метри и уништувајќи повеќе куќички-штандови. На совозачкото седиште на камионот е најден уште еден човек, Полјак, кој бил мртов. Полицијата соопшти дека човекот загинал од огнено оружје. Весникот „Ди велт“ пишува дека во фаќањето на осомничениот возач, кој по влетувањето на камионот во божиќниот пазар побегнал, помогнал еден сведок на настанот. Тој на одредено растојание го следел возачот на камионот и преку телефон постојано давал податоци на полицијата за движењето на осомничениот. Полициско патролно возило го пресретнало на два километри од божиќниот пазар.
Камионот инаку припаѓа на полска шпедитерска фирма, чиј сопственик Ариел Зуравски за полската ТВН24 изјави дека по 16 часот загубил контакт со возачот, инаку негов роднина. „За него ставам рака в оган, дека не е атентатор, „мора нешто да му се случило", вели шпедитерот.
Полицијата претпоставува дека камионот, кој бил натоварен со челични конструкции и требало да биде истоварен во Берлин, бил украден.
Германскиот претседател Јоахим Гаук изјави дека е шокиран од настанот. „Ова е тешка ноќ за Берлин и за нашата земја, која мене како и многумина други многу не потресе. Сочуствувам со жртвите, со нивните семејства, како и со сите луѓе кои стравуваат за животите на своите блиски и пријатели".