Гересхајмер со нова инвестиција во слободните економски зони
28 јуни 2022Германскиот производствен гигант „Гересхајмер“ ја позиционира Северна Македонија високо на производствената мапа во фармацевтската индустрија. По една година од најавата, стартува големата инвестиција за нова, втора фабрика во слободните економски зони, во која „Гересхајмер“ ќе произведува комплетни шприцеви за потребите на водечките фармацевтски компании.
Потпретседателот на германскиот гигант, Оливер Бургел, во разговор за Дојче веле ги открива плановите на „Гересхајмер“. Новата фабрика во С. Македонија ќе биде исклучително високо софистицирана и една од клучните во производствената стратегија на концернот:
„Новата инвестиција, која сега ќе стане оперативна и за која бордот на компанијата донесе одлука, е во износ од 100 милиони евра и се однесува на производство на комплетни шприцеви за вакцини за големите фармацевтски концерни како 'Санофи', 'Новонордиск' и други фармацевтски компании. Оваа нова фабрика ќе игра клучна улога во нашата глобална стратегија, заедно со фабриката која ја имаме во Бунде, во Германија. Со реализацијата на овој проект ќе бидеме способни да одговориме на сите побарувања на нашите клиенти во Европа“, вели Оливер Бургел.
Позитивно искуство
Новиот производствен капацитет на „Гересхајмер“ ќе биде позициониран непосредно до постојниот, во кој германската компанија веќе произведува пластична амбалажа за фармацевтската индустрија. Задоволството од досегашниот процес на производство и постигнатите резултати, според Бургел, се причина за брз старт и на новиот производствен капацитет:
„Клучно за одлуката за нова инвестиција во С. Македонија беше доброто искуство што го имаме со нашата прва инвестиција, условите за работа во земјата за кои можам да кажам дека се одлични. Ова нѐ натера на проширување на нашата инвестиција токму овде, во С. Македонија, во непосредна близина до постојната фабрика која ја започнавме уште во 2019 година, а во која се произведуваат пластични пакувања за фармацевтската индустрија, т.н. пенкалца за инсулин, инхалатори и слично. Токму поради добрата работа и доброто искуство одлучивме да ја прошириме инвестицијата“.
Поволна бизнис клима
Покрај доброто искуство во работењето, дополнителен поттик за проширување на инвестицијата, според Бургел, биле поддршката и условите што како инвеститор ги добиле од државата:
„Кристално јасно е дека покрај условите и поддршката, влијание имаа и добрата инфраструктура, расположливот висококвалификуван кадар со висока работна етика, кој ќе треба да го дообучиме за специфичноста на нашиот бизнис, поддршката од властите, посебно тука би ја нагласил поддршката од страна на Технолошко-индустриските развојни зони кои се посебно посветени во поддршката, кои ја разбираат локалната потреба да се забрзаат работите кога има потреба за такво нешто, што е секако од голема поддршка за нас. Исто така и политичката стабилност. Но, исто така многу важно е што С. Македонија е перфектна позиција за нашата европска производствена мрежа и повеќе од тоа - нашите клиенти можат многу лесно да ја посетат С. Македонија, што е исто така добра работа. Тоа се покажа уште со првичната инвестиција. Сѐ ова одигра клучна улога во одлуката за да ја прошириме нашата инвестиција“, нагласува Оливер Бургел.
Амбициозни планови
Инвестицијата на „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 започна во 2019, а првиот производствен погон започна со работа минатата година. Поместувањето на планот беше поради пандемијата на Ковид 19, која ја забави, но сепак не ја спречи германската компанија да ги реализира своите планови. Во првата фаза „Гересхајмер“ изгради објект со површина од близу 18.000 метри квадратни, во кој, според бизнис плановите, има над 400 вработени.
Првично, инвестицијата изнесуваше 25 милиони евра, но со најновите измени во делот на договорот за државната помош таа ќе се зголеми на 62 милиони евра. Со изградбата на вториот производствен погон, вкупната инвестиција на „Гересхајмер“ во С. Македонија ќе се зголеми на близу 200 милиони евра. Сама по себе, втората фабрика е и најголема поединечна инвестиција воопшто во македонските слободни економски зони. Новиот производствен погон ќе обезбеди најмалку уште 180 вработувања на висококвалификуван кадар, кој, ако се суди според досегашното искуство, ќе биде и доста солидно платен. Просечната бруто плата во 2021 година во погонот на „Гересхајмер“ изнесуваше 67.000 денари по вработен.
Новиот погон на „Гересхајмер“ во Северна Македонија е втор воопшто во поширокиот регион на овој дел од Европа. Најблиску до С. Македонија, германскиот концерн има производствен погон во Чешка. Освен неколку други локации во западна Европа, „Гересхајмер“ оперира и од Северна и Јужна Америка и од Азија, или вкупно вработува над 10.000 луѓе во 36 производствени погони.
- повеќе: Во С. Македонија ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирус
Германските инвестиции клучни во зоните
Гересхајмер, инаку, не е единствената германска инвестиција во Технолошко-индустриските развојни зони во С. Македонија. Во нив егзистираат 12 германски компании со реализирани инвестиции, или во фаза на завршна реализација. Вкупниот обем, односно вкупната вредност на досегашните бинис проекти изнесуваат над 350 милиони евра, а истите обезбедуваат повеќе од 5500 работни места. Од постоечките, четири компании веќе ги проширија своите производствени капацитети, или се во фаза на нивно проширување. Од Технолошко-индустриските развојни зони очекуваат овие бројки во наредниот период значително да се зголемат.
- повеќе: Зоните отпорни на кризата - нема најава за затворање на странски фабрики
„Овие бројки се доказ дека инвеститорите и потенцијалните и постоечките го препознаваат новиот концепт на работење на ТИРЗ воведен на почетокот од 2021. Еве, само во моментов, со новите инвеститори со кои преговорите се во завршна фаза, се работи за инвестиции од над половина милијарда евра, а тие доаѓаат од секторите фармација, енергетика, електроника и услуги“, велат од Технолошко-индустриските развојни зони.
Поголем извоз, повеќе вработувања
Во првите четири месеци од годинава извозот од Технолошко-индустриските развојни зони достигна 1.1 милијарда евра и е највисок споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова претставува раст во однос на истиот период лани од 4%, односно дури 74% во споредба со пандемиската 2020 година. Анализата покажува дека повеќе од две третини од компаниите имаат регистрирано зголемување на извозот во споредба со истиот период од минатата година. Во вакви услови нормално е да се очекува и зголемување на бројот на вработувања. Во моментов, во зоните работат повеќе од 14.500 луѓе. Сите вработени во просек добиваат плата за околу 3% над државниот просек, кој според неодамнешните податоци надмина 500 евра.