1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Георгиевски: Пресудата од Хаг ќе го забави решението за името

4 декември 2011

Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски во интервју за Радио Слободна Европа, оценува дека пресудата на Меѓународниот суд во Хаг може да одмогне во решавањето на спорот околу името.

https://p.dw.com/p/13MKj
Љубчо ГеоргиевскиФотографија: AP

„Одлуката на судот во Хаг ќе влијае на преговорите меѓу Македонија и Грција месец, до два месеца, да бидеме овде полни со задоволство, да кажуваме колку сме силни, колку сме морални победници“, вели Георгиевски. „Меѓутоа на планот на подготвеноста да се реши компромисот тоа ќе ни одмогне и мислам дека таа одлука ќе влијае ништо да не се направи во идните две до три години“, прогнозира поранешниот премиер. На прашањето дали оваа Влада е способна за компромис со Грција, со цел евроатлантско интегрирање, тој одговара: „Не, мислам дефинитивно јас не гледам ниту еден знак од македонска страна. Тоа го судам според оние државни новинари кои секојдневно ја пропагираат политиката. Меѓутоа не мислам дека и Владата нешто друго размислува, различно од она што го гледаме преку државните новинари и државната медиумска пропаганда. Ако тоа го судам, можам да кажам дека овие четири години ќе поминат во празно и дека оваа Влада најверојатно ќе добие уште едни избори благодарејќи на јаката одбрана на името.“

„Ние многу сакаме да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, меѓутоа мислам дека нема да ни биде даден датум. Пораките на Европската унија и на НАТО се јасни - решете го проблемот со името и веднаш ќе влезете во НАТО и веднаш ќе почнете преговори со ЕУ. Јас не знам зошто некои политичари и новинари во Македонија се обидуваат да не ја разберат пораката што е толку многу јасна и прецизна“, изјави Љубчо Георгиевски во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Поранешниот премиер ја критикува и т.н. политика за античка Македонија „За мене е многу јасно дека има јасна поделба на она што се нарекува античка историја на Македонија и словенска историја. Јас се’ уште ја бранам тезата дека она на што ние можеме да се потпреме, а да не згрешиме, тоа е тој словенски идентитет, со втемелувачите на духовен план, со свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум. Тоа е таа историја каде што можеме единствено сериозно да газиме“, смета Георгиевски.

Автор: АТ/ СН/ макфакс

Редактор: Симе Недевски