Геншер во Прага: Граѓаните на ГДР смеат да патуваат
Пред 30 години, тогашниот министер за надворешни работи на СР Германија, Ханс-Дитрих Геншер во Прага даде зелено светло за граѓаните од источна Германија за патување. Поглед наназад, кон летото и есента 1989 година.
Историски зборови во Прага
30 септември 1989, 18:59 часот. Ханс-Дитрих Геншер, министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, стои на балконот на амбасадата на Западна Германија во Прага, опкружен од избеганите граѓани од Источна Германија. „Денеска дојдовме кај вас за да ви кажеме дека денеска вашето патување надвор...", вели тој во микрофонот. Зборовите „...стана можно“ беа надвикани од изблиците на радост.
Камп во амбасадата
Во тоа време околу 4000 бегалци од Источна Германија беа во амбасадата во главниот град на Чехословачка, многумина од нив со недели. Некои и со своите деца. Сите се надеваа дека од таму ќе може да заминат на Запад. Геншер преговараше со министрите за надворешни работи на Советскиот Сојуз, ГДР и Чехословачка – успешно.
Лето за бегство
Уште претходно илјадници граѓани од Источна Германија отпатуваа во земјите од источниот блок, како Унгарија и Чехословачка, за од таму да продолжат на Запад. Истовремено, во ГДР мировното движење на отпорот стануваше посилно и ја стави под притисок владеачката партија СЕД.
Отстранета граничната ограда
Во мај 1989 година Унгарија ја демонтираше граничната ограда кон Австрија. Оградата беше урната и ниту Будимпешта ниту Моска не беа подготвени да ја финансираат нејзина санација. Сликата од министерот за надворешни работи Алојз Мок (Австрија, лево) и Ѓула Хорн (Унгарија, десно) при симболичното пресекување на оградата на крајот на јуни 1989 беше главна на насловните страници низ светот.
Дупки во Железната ограда
Унгарската граница со тоа не беше и навистина отворена, но стана попропусна. Тоа се покажа и на 19 август 1989, кога стотици источни Германци го искористија за бегство „Паневропскиот пикник“, односно мировните демонстрации на унгарско-австриската граница. Унгарските граничари го дозволија тоа. На 10 септември 1989 година Унгарија и официјално ја отвори границата.
Победа на Солидарност од Полска
Во 1989. сѐ повеќе земји од источниот блок се дистанцираа од својот голем брат СССР. Во Полска демократската опозиција Солидарност победи на првите делумно слободни парламентарни избори во јуни 1989 година. Тадеуш Мазовјецки (во средина со подигната рака) беше првиот некомунистички премиер на една земја од Варшавскиот пакт.
Нова доктрина од Москва
Уште од средината на 1980-те шефот на државата Михаил Горбачов иницираше реформи во СССР со „Гласност“ и „Перестројка“. Во октомври 1989 година тој го најави она што стана познато како „Доктрина Синатра“ – земјите од Варшавскиот пакт смеат самостојно да одлучуваат за политичките реформи. Доктрината е именувана по американскиот пејач Френк Синатра и неговиот хит „I Did It My Way“.
Ѕидот падна
Значи, не требаше да се стравува од советска интервенција кога секретарот на СЕД, Гинтер Шабовски во ноември 1989 најави: „Приватно патување во странство може да се бара без никакви предуслови.“ Милиони луѓе се упатија веднаш кон границата, се искачуваа на Берлинскиот ѕид и славеа со Германците од западниот дел. Единаесет месеци подоцна ГДР ѝ се приклучи на СРГ.